1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нова „бомба“ на СДСМ: рекет, казни и влијание врз судството

Б. Георгиевски18 март 2015

Опозицискиот СДСМ денеска од Струмица објави серија наводни разговори на владини министри и функционери во кои се говори за злоупотреби на власта за време на изборите во Струмица

https://p.dw.com/p/1EsmP
Фотографија: Petr Stojanovski

Опозициската СДСМ денеска пред јавноста ја презентираше 11-та т.н. „бомба“, која беше посветена на наводни разговори меѓу највисоките државни функционери и нивни наводни малверзации и злоупотреби за време на локалните избори во Струмица. Во разговорите кои ги презентираше пратеникот на СДСМ од Струмица, Панче Орцев, владини функционери отворено говорат за рекет, казнување на фирми, фалсификување на лични карти, нарушување на изборниот процес и за влијание врз судството.

Во еден од разговорите презентирани на прес-конференцијата, меѓу поранешниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски и министерот за транспорт Миле Јанакиески, Вангеловски наводно се жали дека еден од судиите „му прави проблем“ во случајот Глобал, за кој беше обвинет лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и дека не сака да го потпише решението на претседателот на Врховниот суд. На крајот на разговорот Вангеловски му најавува на Јанакиески дека следниот ден решението ќе излезе од кај него „како што треба“.

Вангеловски, во интервју за Дојче Веле на 17. февруари годинава, непосредно по објавувањето на првите „бомби“ на Заев, тврдеше дека врз него не бил вршен притисок од власта.

Jovo Vangelovski
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово ВангеловскиФотографија: DW/K.Blazevska

„Јас додека ја вршев функцијата, лично не сум бил жртва на политички притисоци“, рече Вангеловски. Во разговорот тој уште оцени дека „реалните состојби во судството се значително подобри од она што како перцепција се создава во јавноста“.

Фалсификување лични карти

Во друг разговор презентиран на прес-конференцијата, Јанакиески го информира началникот на струмичката полиција Маријан Наковски дека се подготвени „300 лични карти за Струмица“. „За да се прават или треба да стигнат?“, прашува Наковски, на што Јанакиески одговара: „Да се прават“.

Во следен разговор, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ од Струмица, Силвана Бонева наводно го информира премиерот Никола Груевски дека нивниот сопартиец Славе Гошев рекетирал фирми во Струмица за време на изборната кампања. Бонева му кажува на Груевски дека рекетот во градот почнал кон средината на кампањата и дека „нема фирма што не е изрекетирана во Струмица“, на што Груевски бара појаснување за тоа што таа подразбира под рекет и вели дека немал такви информации:

„Дали они барале спонзорство? Рекет е уцена, ако не ми дадеш, ќе те затворам. А, спонзорство е спонзорство. Му викаш ако можеш помогни ми“, наводно вели Груевски. Бонева му одговара: „Со сѐ. Со закани, со закани и со таксување на најневозможни нешта за зимање пари. Со сѐ и сешто. Немаше човек што....“ Според она што го тврди Бонева на снимката, на фирмите најпрво им се барале пари во евра, за на крајот да им се бараат по 50 илјади денари.

Nikola Gruevski Premierminister Mazedoniens 19.06.2014
Пратеничката Силвана Бонева наводно го информирала премиерот Груевски дека во Струмица се спроведува рекет врз фирмитеФотографија: MIA

На прес-конференцијата беа повторени и дел од снимките кои сведочат за наводни злоупотреби на изборите, а кои претходно беа обелоденети од СДСМ. Меѓу нив и два наводни разговори на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, во кои таа бара од локалните функционери на партијата во Струмица да не ги потпишуваат изборните записници и на тој начин да се издејствува втор круг. На пратеникот Славе Гошев, меѓу другото, Јанкулоска наводно му вели: „Некое ливче нека снема, хаха, ајде“.

Инаку СДСМ денеска до Основното јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против градоначалникот на општината, Владимир Талески. „Кривичната пријава произлегува од тврдењата во јавно објавените разговори на министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска“, рече Васко Ковачевски, пратеник и претседател на ОО СДСМ Битола.

Тој потсети дека во своето признание, Ставрески го нарекува Талески „тежок криминалец“ кој потпишал „коруптивен договор“.

„Станува збор за договор за превоз на ученици, од јуни 2010 година, во кој договорените цени се дури 10 пати повисоки отколку пазарните цени“, рече Ковачевски.