Нов човек на кормилото на Фолксваген
25 септември 2015Матијас Милер има 62 години и ако сега се‘ уште беше на работното место алатничар, во мислите веќе ќе се подготвуваше за пензија. Но како претседател на Управниот одбор на Порше, функција што Милер ја извршува веќе 5 години, човек не размислува за законската возраст за пензионирање. А тој дури сега, како претседател на Управниот одбор на Фолксваген, ќе има толку многу за работа, што нема воопшто да размислува за пензионерски живот.
Милер е само шест години помлад од својот претходник, Мартин Винтеркорн. Од него најверојатно нема да се очекува нов почеток на најголемиот автопроизводител во Европа. Исто како и претходникот и тој се интересира за техника - како човек со претприемачки визии досега не привлече внимание. Задачата на Милер се состои пред се‘ во тоа да го одведе концернот повторно во помирни води и повторно да ја поврати загубената доверба.
„Јас сум дете на концернот“
Како наследник на Винтеркорн Милер се спомнуваше уште пред половина година. Откако тогашниот шеф на Надзорниот одбор и човекот што важеше за патријарх во концернот, Фердинанд Пих, јавно му откажа доверба на Винтеркорн, Милер важеше за кандидат за шефовската фотелја во Волфсбург.
Милер, роден во 1953 година во Саксонија, лично се опишува како дете на Фолксваген: „Јас сум воспитаник на концернот“, рече тој еднаш. Во денешната фирма-ќерка на Фолксваген - Ауди, Милер по матурата во 1971 година почнува да се обучува за алатничар. По студиите во Минхен, тој во 1978 година се враќа како дипломиран информатичар во претпријатието од Инголштат.
Многу станици во Фолксваген
Со неговото име се поврзани менаџментот на продуктот Ауди А3, за што беше одговорен од 1993 до 1995 година. Потоа менаџираше со целото производство на Ауди. Во 2002 година Милер стана шеф-координатор на производството на спортски автомобили под капата на Фолксваген, а од 2007 година три години беше генерален ополномоштеник на Фолксваген АГ.
Спортски возила на електрична енергија
Како шеф на Порше Матијас Милер долго време не беше одушевен од идејата за автомобили на електро-погон: нивните акумулатори се прескапи, а релациите што може да ги минат со акумулираната енергија прекратки. Но, од годинава работите се менуваат. Како што се вели, Порше би можел на пазарот да извади возила на електро погон и со хибридни мотори од сите модели. „Размислуваме за тоа“, потврди Милер на 13 септември за еден магазин за автомобилизам. Тоа се однесува дури и на иконата на Порше - моделот 911. „Него од 2018 година ќе го понудиме и како плагин-хибрид“, рече Милер.
Офанзива на електромобилноста? Тоа би било подрачје на кое Милер би можел да стави акцент како наследник на Винтеркорн. А, и зошто да не, кога сега се замисливи дури и спортски автомобили на електро-погон? И, ако купувачите ги прифатат? Тогаш измамата со издувните гасови во Фолксваген би била навистина минато.