1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов ЕУ-амбасадор во РМ по извештајот на Европската комисија

27 септември 2011

Новиот амбасадор на ЕУ во Македонија нема да биде познат пред објавувањето на годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјата, потврди за Дојче веле Маја Коцијанчич, портпаролката на Кетрин Ештон.

https://p.dw.com/p/12hDF
ЕУ без прв човек во Македонија, но комуникацијата Скопје-Брисел се одвива без проблемиФотографија: Petr Stojanovski

Иако делегацијата на ЕУ е без прв човек од крајот на август, од канцеларијата на шефицата на европската дипломатија велат дека тоа не значи оти има прекин во комуникацијата со властите во Скопје или, пак, дека тоа би можело некако да се одрази на извештајот за земјата. „Шарже д’афер“, или вршителот на должноста во делегацијата, Робин Лидл, соработува со локалните власти и го информира Брисел за случувањата во земјата, велат од Европската комисија.

Кабинетот на Ештон не открива кога ќе биде познат наследникот на Петер Соренсен, кој се задржа на функцијата во Македонија само неколку месеци, по што беше испратен на дипломатска мисија во Сараево. Познато е само дека за позицијата во Скопје се пријавени 17 кандидати.

Објава за заминување на Соренсен во мај, оглас за наследник летово

Процедурата на избор е долга. Започна со објавување на оглас, пријавување на кандидатите, селекција на оние кои ги исполнуваат условите, интервјуа со нив и кратење на листата, а изборот ќе заврши со уште едно интервју кај високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Кетрин Ештон.

Peter Sörensen
Седумнаесет кандидати за наследници на Петер СоренсенФотографија: DW

Не се прават прогнози кога оваа постапка ќе заврши, но се поставува прашањето зошто шефицата на европската дипломатија чекаше толку долго да го направи изборот, имајќи предвид дека уште кон крајот на мај се знаеше дека Соренсен заминува на нова позиција. Од нејзиниот кабинет за Дојче веле нагласуваат дека вообичаено огласот се распишува пред крајот на мандатот на амбасадорот, но во случајот со амбасадорот во Македонија се работи за специфичен случај, бидејќи со Соренсен е направен трансфер во Босна и Херцеговина во интерес на службата. Затоа огласот траел до крајот на јули, а процедурата не била забавена, тврдат од кабинетот на шефицата на европската дипломатија.

„Процедурата се одвива и целта на Високиот претставник Ештон е да назначи нов шеф на делегацијата во Скопје што е можно поскоро“, изјави за Дојче веле портпаролката на Кетрин Ештон, Маја Коцијанчич.

Филе притиска, резултати нема

Дојче веле праша во кабинетот на еврокомесарот Штефан Филе дали фактот што нема прв човек на претставништвото на Комисијата во Македонија ја намалува можноста за вршење притисок врз властите да ги спроведуваат реформите.

EU-Außenbeauftragte Catherine Ashton hat die brutalen Repressionen von Demonstranten in Syrien scharf kritisiert
Конечниот избор ќе го направи Кетрин Ештон, но не се знае когаФотографија: picture-alliance/dpa

„Ако некој е во медиумите секој ден, не значи дека направил притисок. Дали се промени нешто околу името? Името не е решено, иако многу пати е кажувана позицијата на ЕУ“, забележуваат од кабинетот на еврокомесарот Филе.

Впечатокот во Европската комисија е дека иако многупати комесарот Филе на разговорите со премиерот Груевски посочувал одредени области, работите не се менувале. „Дали некој повеќе од комесарот може да направи притисок“, прашуваат во тој контекст од кабинетот на Филе.

Извештајот за Македонија уште се пишува

Од Европската комисија нагласуваат дека иако нема прв човек во Делегацијата, комуникацијата со македонската влада на дневна основа продолжува, се собираат информации и отсуството на првиот човек „не значи дека сите се на одмор“.

Извештајот за Македонија се’ уште се пишува и затоа е непознато дали во него оваа година ќе биде повторена препораката за отворање пристапни преговори. При последната посета на Македонија, еврокомесарот Штефан Филе нагласи дека треба да се почека извештајот за да се види дали и оваа година ќе има препорака за почеток на преговорите, што претставува дипломатско предупредување дека тоа можеби и нема да се случи.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски