1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нов договор помеѓу Тунис и Германија

НД/ дв
3 март 2017

Германската канцеларка Ангела Меркел во Тунис изјави дека Германија ќе донира 250 милиони евра за поддршка на проекти за развој на сиромашните региони. Освен тоа, Германија и Тунис потпишаа нов договор за имиграција.

https://p.dw.com/p/2YbPk
Tunesien Besuch Merkel bei Präsident Beji Caid Essebsi
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache

Претседателот Бежи Каид Есебси изјави дека со договорот за справување со нелегалната имиграција, потпишан денеска во Тунис, ќе бидат задоволни и Тунис и Германија. Потпишувањето на договорот ѝ овозможува на Германија побрзо да ги депортира граѓаните на Тунис чии барања за азил се одбиени.

Договорот ги обврзува туниските власти, во рок од 30 дена, да ги решат сите прашања и проблеми поврзани со идентитетот и документите на Тунижаните на кои германските власти им ги одбиле барањата за азил. По завршувањето на тие процедури, документите неопходни за депортација ќе бидат издавани во рок од една недела.

„Ова се добри вести за нас“, изјави канцеларката Меркел по објавувањето на информациите за договорот.

Fahndungsfotos des gesuchten Tunesiers Anis Amri
Анис Амри изврши терористички напад во Берлин во кој загинаа 12 луѓеФотографија: picture alliance/dpa/A. Dedert

Потпишувањето на договорот се случува во време на влошени односи помеѓу двете земји, откако Тунижанецот Анис Амри, на 19 декември 2016 година изврши терористички напад на божиќен пазар во Берлин, во кој загинаа 12 лица. Претходно, Анис Амри бил задржан од германските власти, но тие не биле во можност да го депортираат во Тунис затоа што тамошните власти не му издавале документи за идентификација.

Поголема поддршка од Германија

На прес-конференција во Тунис, канцеларката Меркел изјави дека со договорената рамка за помош на Тунис, Германија ќе обезбеди 250 милиони евра - пари кои ќе бидат искористени за промовирање на развојни проекти, креирање на работни места и поддршка за малите бизниси.

Посетата на Меркел на Тунис е дел од дводневната посета на северноамериканските земји чија цел е зајакнување на соработката со регионот за прашања од областа на имиграцијата и регионалната безбедност.