1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ништо ново по лидерската средба кај Иванов

7 февруари 2011

Лидерската средба кај македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов заврши без конкретен заклучок и без поместување. Секој го кажал своето и...толку!

https://p.dw.com/p/Qyuf
Резиденцијата на македонскиот претседател каде што се одржуваше средбата на партиските лидериФотографија: Petr Stojanovski

Власта смета дека опозицијата поставува ултиматуми и не сака вистински да се случат предвремени избори. Опозицијата, пак, инсистира на решение на своите барања. Според лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски, било добро што се одржало ваква средба на која се разговарало. Излез од актуелната криза според него има, но само доколку владата ги прифати барањата на опозицијата.

Премиерот Никола Груевски, пак, смета дека се работи за две различни матрици на две различни опции. Првата која сметала дека извршната власт може да влијае врз судските органи, а втората, тој самиот, кој не се мешал во работата и одлуките на судството.

Лидерот на ЛДП, Јован Манасиевски, чија партија е единствената од опозицијата која не го напушти парламентот, на вчерашната средба побарал предвремени избори, кои би се одржале според стариот изборен законик.

Иванов предлага Анкетна комисија

Претседателот Ѓорѓе Иванов, пак, предложил формирање посебна Анкетна комисија за актуелните проблеми, што било неприфатливо за СДСМ.

На лидерската средба присуствуваше и претседателот на парламентот Трајко Вељановски. Од лидерите на партиите не дојде само претседателот на ДПА, која од поодамна е надвор од парламентот.

Опозицискиот блок, предводен од СДСМ, веќе ги испорача клучните барања за враќање во парламентот. Клучното е деблокирање на сметката на телевизијата А1, како и носење на неколку уставни измени во делот на судството, изборниот законик, слободата на медиумите и нивно рамномерно финансирање при државни кампањи, како и пролонгирање на терминот за одржување на пописот за на лето.

Инаку, кривичниот суд ни вчера не донесе одлука дали ќе се одблокира сметката на телевизијата А1 и останатите медиуми и фирми на Перо Наков б.б. кои се предмет на истрага во случајот „Пајажина“.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска