1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Никој не го знае конечниот број жртви во Грција

ЖА / агенции
25 јули 2018

По катастрофалните шумски пожари минатите два дена, ситуацијата во Грција е малку подобрена, пожарникарите ги ставија под контрола голем дел од огновите. Но, билансот на жртвите се зголемува - досега се потврдени 74.

https://p.dw.com/p/322Q0
Griechenland, Athen: Großbrand in Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Partsalis

Пожарникарските служби до денешните рани утрински часови ги ставиле под контрола речиси сите пожари. Исклучок е регион на 70 километри западно од Атина, каде на планината се шири оган, соопшти грчкиот министер за цивилна заштита, Никос Тоскас за грчката телевизија ЕРТ.

Во најзагрозеното подрачје источно од Атина, во пристанишното гратче Рафина, спасувачките екипи и доброволни помагачи ја продолжуваат потрагата по натамошни жртви во изгорените куќи и станови. Досегашниот биланс вели дека во катастрофалните пожари животот го загубиле најмалку 74 лица. Вкупно 187 лица се хоспитализирани, делумно со тешки повреди, а меѓу нив има и деца.

Griechenland Waldbrände 2018
Фотографија: DW/Giannis Papadimitriou

Градоначалниците во погодениот регион стравуваат дека бројот на загинатите може да биде и троцифрен, со оглед што многумина уште се водат за исчезнати. Роднините на исчезнатите отворија интернет-портал со фотографии на луѓето чија судбина е непозната.

Повеќе: 

Пепелта на Мати: Огнената стихија ja опустоши грчката населба

Десетици жртви во пожарите - национална трагедија во Грција

Грчкиот премиер Алексис Ципрас поради пожарите вчера ја откажа посетата на Босна и Херцеговина, а во земјата прогласи тридневна жалост. Министерот за финансии на настраданите региони им вети итна помош од 20 милиони евра.

Во меѓувреме пристигнува помошта - во регионот западно од Атина веќе се ангажирани околу 60 кипарски пожарникари, кои стигнаа синоќа како дел од помошта на ЕУ кон Грција. Денеска треба да стигнат и два италијански канадери, а ним треба попладне да им се придружи и еден романски авион за гаснење пожари.

Огнен пекол во Грција

„Подготвени сме, ако грчката страна тоа го побара, да пружиме и натамошна помош“, истакна доцна синоќа надлежниот еврокомесар за пружање хуманитарна помош, Христос Стилианидис за грчката телевизија. Тој допатува во Атина за на лице место да стекне слика за состојбата. Еврокомесарот катастрофалните пожари ги смета за последица на промената на климата. „Климатските промени не се никакви 'фејк њус'“, истакна тој. Како аргумент Стилианидис го наведува фактот што оваа година огромни пожари беснеат не само во јужниот, туку и во северниот дел од Европа, на пример во Шведска.

Обвинителството на Грција пак започна истрага за причините за пожарите. Владиниот портпарол Димитрис Цанакопулос изјави дека во регионот Атика истовремено се разгореле 15 пожари на три различни локации. Според Ципрас, оваа едновременост е загрижувачка. Медиумите шпекулираат за криминална заднина - можно е пожарите да се подметнати од шпекуланти, со цел опожарената површина подоцна да биде биде пренаменета за градење куќи и хотели.