1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Низ пченката со Хусам

Немања Рујевиќ17 септември 2015

Откако унгарската граница практично е затворена, српските власти ги испраќаат бегалците во Хрватска. Последните три километри, азилантите мораат да ги пропешачат- а со нив, низ пченкарните полиња тргна и Немања Рујевиќ

https://p.dw.com/p/1GXmU
Фотографија: Getty Images/J. Mitchell

До минатиот вторник Шид беше само Шид- заспано градче во западна Србија, на границата со Хрватска. И сега, како и тогаш возачите стојат покрај камионите и низ разговор го убиваат времето до минувањето на границата. Љубопитно ги набљудуваат десетиците новинари и сниматели кои чекаат со нив- но далеку понетрпеливо. Затоа што новинарите ги чекаат автобусите со бегалци кои доаѓаат од цела Србија. Кога два автобуси конечно пристигнуваат, меѓу новинарите врие: кој ќе направи подобри снимки, кој побрзо ќе успее да најде бегалец со кој може да се разбере на англиски? Шид е одеднаш на насловните страници.

Во масата преморени луѓе кои излегуваат од автобусот, Хусам ал Хабали веднаш паѓа в очи. Неговата ретка, неизбричена брада му доликува на еден 18-годишник. Носи ранец и рацете му се полни со вода, леб, сардини кои ги добил од локалните волонтери. Храната е донација од Германија. Младиот Сириец дисциплинирано носи и празно пластично шише, чиниш тука, во пченкарното поле меѓу двете балкански земји, контејнери чекаат само на него. „И во Грција го фрлав сметот во канта. Бевме на еден прекрасен остров- таму навистина не треба да се фрла сметот на улица“.

Дали е жив Осама?

Тој прекрасен остров се вика Кос. Хусам таму стигнал од втор обид. Првиот пат за малку не се удавил. Патувајќи релативно брзо, за осум дена стигнал од родниот град Хомс до Шид. Овој студент по англиски јазик, единствено е загрижен за својата мајка и двете сестри кои останале во Сирија. Има и постар брат кој се вика Осама. За него само се надева дека е се уште жив.
Бидејќи случајот на Осама ал Хабали го привлече и меѓународното внимание. Како млад новинар, братот на Хусам го снимал избувнувањето на протестите против сирискиот режим во Хомс и се осмелил да и противречи на официјалната режимска пропаганда. Поради тоа пред три години бил уапсен. Неговото семејство оттогаш не знае ништо за него.
„Веројатно е во затворот Седнај во близина на Дамаск. Таму има три павилјони: бел, жолт и црвен. Црвениот е најлош- таму се затворени новинари и политички затвореници“, вели Хусам.

Die Flüchtlinge an der serbisch-kroatischen Grenze
Хусам ал ХабалиФотографија: DW/N. Rujević

Војна до „Судниот ден“

Хусам има голема почит за Германија. Има и пријатели во Берлин кои се таму веќе со години. „Можеби и јас ќе можам таму да студирам. Во Сирија можете да учите, учите, учите... но на крајот ќе завршите во војска. Таму диплома не помага“. Се чини дека се помирил со фактот дека никогаш повеќе нема да ја види својата татковина. Војната таму ќе трае вечно. „До судниот ден“, вели тој.

Die Flüchtlinge an der serbisch-kroatischen Grenze
Сликата на Меркел и како позадина на мобилните телефониФотографија: DW/N. Rujević

Младиот човек размислува и за тоа зошто Германија зема толку многу бегалци во споредба со другите европски држави. „Американците сакаат само нафта и суровини од Персискиот залив и Блискиот исток. Германците исто така сакаат нешто да контролираат, но за нив тоа се емоции. И тоа им успева“, вели тој и од џебот го вади телефонот. На екранот се појавува германската канцеларка Ангела Меркел, прикажана на фотографии со германското знаме и орелот во позадина, со изјави за добредојде на арапски и на германски. „Многу Сиријци ја имаат нејзината слика на Фејсбук или ја користат како позадина на мобилните телефони“.