1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Продолжение на леденото доба меѓу САД и Израел

Михаел Книге/ Ж. Ацеска19 март 2015

Изборната победа на Бенјамин Нетанјаху е лоша вест за американско-израелските односи, кои остануваат заладени. Израелскиот премиер имаше малку обзири кон САД.

https://p.dw.com/p/1Et91
Фотографија: Getty Images/W. McNamee

Бенјамин Нетанјаху излезе конечно како победник од острата и до крај неизвесна изборна трка. Човек може да си претпостави како американскиот претседател Барак Обама во Белата куќа со неверување и разочарување одмавнува со главата. Зашто, најновиот настап на Нетанјаху во САД Обама може да го толкува само како личен анимозитет: неколку дена пред изборите во Израел, Нетанјаху во Конгресот ја нападна една од важните политички цели на Обама-договор со Иран во врска со иранската атомска програма. Некои аналитичари потегот на Нетанјаху го толкуваат како тежок удар врз американско-израелските односи. Се чини меѓутоа оти настапот на израелскоот премиер во Капитол хол, со пријателска поддршка на републиканската опозиција, му помогна во повторната победа.

„Заплашување и паника“

„Забележителна победа во последен момент за Нетанјаху“, коментира директорот на Центарот за Блискиот Исток на Универзитетот во Калифорнија, Стивен Шпигел во разговор за Дојче веле.

„Тој ги зеде републиканците во САД за пример и прилично им се доближи“, вели Шпигел.

Слично оценува и заменикот директор на Центарот за Блискиот Исток од Универзитетот во Бостон, Дав Вексман: „Тактиката на заплашување и паничење од страна на Нетанјаху за него се исплатеше“.

Победа на предизвикувачот Ицак Херцог ќе беше рамна на нов почеток на израелско-американските односи. Но, останување на Нетанјаху на функцијата спречува повторно приближување на двете влади.

Washington Barack Obama Benjamin Netanjahu
Малку меѓусебно разбирање-Обама и НетанјахуФотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Dharapak

„Не е никаква тајна дека Обама и Нетанјаху не можат да се разберат“, вели директорката на Центарот за Блискиот Исток во Ранд Корпорацијата, Далиа Даса Кај.

„Нивниот однос уште повеќе се влоши по малку непромислените изјави на Нетанјаху пред американскиот Конгрес“.

Како победа на републиканците

Од другастрана републиканците и партијата Ликуд на Нетанјаху минатите години тесно се поврзаа. Но, говорот на Нетанјаху, како дополнување на писмото на 47 републикански сенатори до Техеран, не само што ги торпедираше напорите на Обама, туку претставуваше и сосема нова димензија.

Оваа поларизација водеше до исклучителна ситуација во која „победата на Нетанјаху истовремено се прима и како победа на американските републиканци“, вели Далиа Даса Кај.

„Тоа не е во националниот интерес. Може да се претпостави оти повторниот избор на Нетанхају уште повеќе ќе го продлабочи јазот меѓу републиканците и демократите.“

Последица би била „се‘ повеќе Американци преку својоата одбивност кон Нетанјаху да ја стават под прашалник базичната поддршка кон Израел “, истакнува Стив Шпигел. „Тоа првенствено се однесува на еврејската заедница во САД, која ќе биде поподелена од било кога.“

Без обзири кон намерите на Вашингтон

Кратко пред гласањето, Нетанјаху најави дека ќе напрваи се‘ за да спречи создавање палестинска држава. Со тоа тој поткопа уште еден важен план на американската влада-блискоисточниот мировен процес.

„Мировниот процес меѓу Израел и Палестинците сигурно нема да оживее со една десноконзервативна влада во Ерусалим“, вели Вексман.

Ерусалим и Вашингтон се на конфронтирачки курс по ова прашање исто како и во врска со иранската атомска програма. Позициите на двете страни се зацврстени, шансите заприближување се мали.

„Ако Нетанјаху застане на чело на идната израелска влада, тоа нема да значи ништо добро за израелско-американските односи“, вели Вексман.