1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Непромислен потег на БиХ може да ги загрози односите со САД

28 октомври 2011

Спроти гласањето во Советот за безбедност во ОН за независноста на Палестина и Босна и Херцеговина е соочена со лобирање. Така, во БиХ се најдоа во исто време шефовите на израелската и палестинската дипломатија.

https://p.dw.com/p/130qR
Босна и Херцеговина може да распали светска криза ако го поддржи местото на Палестина во ОНФотографија: picture alliance/dpa

Претседателството на БиХ нема единствен став по прашањето на израелско – палестинските односи и членовите на Претседателството тоа му го пренесоа на министерот за надворешни работи на Израел, Авигдор Либерман, со исклучок на Бакир Изетбеговиќ, кој силно го поддржа палестинското барање за членство во ОН. И Израелците и Палестинците бараат БиХ да го поддржи нивниот став во Советот за безбедност на 11 ноември.

Босна и Херцеговина може да распали светска криза

Директорот на центарот за меѓународни односи, Милош Шолаја вели дека може да се случи гласот на БиХ да преовлада во признавањето на Палестина, што е многу опасно за БиХ, поради моменталните политички односи кои владеат во внатрешноста на земјата.

Congress on European Security & Defence in Berlin
Милош Шолаја, директор на Центарот за меѓународни односи оценува дека босанскиот глас може да преовлада во признавањето на ПалестинаФотографија: DW

„Факт е дека БиХ е во комплицирана ситуација и дека еден непромислен потег може да распали светска криза од големи размери. Треба да се биде внимателен и одмерен и на ниеден начин да не се влијае на донесувањето одлука“, вели Шолаја.

На прашањето дали решението е БиХ да биде неутрална за време на гласањето во Советот за безбедност на ОН, Шолаја вели дека не треба да се има став на седницата, „а потоа да се види како ќе изгледа збирот на гласовите, посебно што е тешко да се очекува дека Советот за безбедност ќе донесе таква одлука, со оглед на однапред најавеното вето од САД“.

Битка за секој глас во Советот за безбедност

Иако е јасно дека одлуката за Палестина не зависи од БиХ, туку од силите со право на вето во Советот за безбедност, сепак Израел и Палестина се борат за секој глас, па и тој на БиХ, како непостојана членка на највисокиот орган на ОН.

Бившиот босански дипломат Хајрудин Сомун вели дека кај лобирањата нема ништо спорно, потсетувајќи и на неодамнешната посета на Махмуд Абаз на БиХ, каде исто така разговарал за палестинското прашање. Сомун исто така верува дека БиХ ќе биде воздржана за време на гласањето, макар што верува дека ако ја поддржи Палестина, ќе си одмогне сама на себе.

Bosnien-Herzegowina Palästina Mahmud Abbas Sarajevo
Палестинскиот претседател Махмуд Абас (втор од лево), со членовите на босанското претседателство Жељко Комшиќ, Бакир Изетбеговиќ и Небојша РадманивиќФотографија: DW

„БиХ нема многу да и' помогне на Палестина, но на некој начин ќе им одмогне на САД и тогаш тоа би довело до поставување прашање за односот меѓу БиХ и Америка“, смета Сомун.

Израел има силна поддршка во Република Српска

Либерман денеска во Бања Лука ќе се состане со највисоките функционери во Република Српска, а познато е дека Израел во овој ентитет има силна поддршка. Сомун во тоа не гледа ништо лошо, „доколку тоа не спаѓа во рамките на политиката на некои земји и кругови, кои на Република Српска гледаат како на нешто издвоено од БиХ“.

„Притоа потсетувам дека Израел е една од земјите во кои Република Српска има специјален претставник, покрај амбасадата на Босна и Херцеговина“, вели Сомун.

Триаголник Израел Америка Република Српска

Сомун претпоставува дека претседателот на Република Српска, Милорад Додик разговарал во Америка со еврејското лоби за израелско – палестинското прашање и развојот на случувањата во Советот за безбедност. Политичкиот аналитичар Ибрахим Прохиќ нагласува дека е многу чудна посетата на Додик на Америка, непосредно пред изјаснувањето за палестинското прашање.

Symbolbild USA Nahost
САД најавија вето за приемот на Палестина во ОН и поддршка на Израел во спречувањето тоа да се случиФотографија: picture-alliance/ dpa / Fotomontage: DW

„Во тој триаголник работите се случуваат веќе подолго време. Значи, Израел, Америка и Бањалука, односно Република Српска. Ние можеме само да констатираме дека се поклопиле некои работи и дека ние имаме право да мислиме дека тоа е повеќе од само коинциденција“, нагласува Прохиќ.

Повеќе од коинциденција е и денешната посета на министерот за надворешни работи на палестинската управа, Ријад Ал Малики на Сараево, кој во БиХ допатува само еден ден по доаѓањето во земјата на израелскиот шеф на дипломатијата, Либерман. Нема сомневање дека Претседателството на БиХ на Малики ќе му ги соопшти истите ставови како и на Либерман, иако се чини дека Либерман и Малики треба да ги заменат местата на денешните посети, ако дошле да излобираат поддршка.

Автор: Драган Максимовиќ/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска