1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Немирен сон во даночната оаза

М. Бениш / Ж.Ацеска7 јуни 2013

Во малото австриско село со 300 жители, Јунгхолц, никогаш немало гранични контроли. Тоа живее од трите банки во кои парите без плаќање данок ги засолнуваат Германци. Но, наскоро може да дојде крај на малата оаза.

https://p.dw.com/p/18gA3
Фотографија: picture-alliance/dpa

Идилично, мало, мирно - тоа е Јунгхолц. Селото со 300 жители припаѓа кон Австрија, но пристапно е само преку Германија. Постојат и други куриозитети. Таму нема пекарница, нема супермаркет, но има три банки. А тие не се многу скромни, како што истакнува Јирген Хубер од Универзитетот Инсбрук:

„Во трите банки денес има околу 4 милијарди евра. Тоа е многу. Над 99 проценти од парите се од Германија, најголем дел веројатно се недекларирани“.

Зашто, во Јунгхолц нема гранични контроли. Така, имашливите Германци можат без проблеми да ги заобиколат финансиските служби и да ги стават своите пари на сигурно. Сега се закануваат тешкотии. Ако Австрија ја прифати автоматската размена на податоци, тоа е крај за оазата. Банките одбиваат интервјуа, градоначалникот молчи. Не без причина:

„Банките се најголемите даночни плаќачи во заедницата, тие се и најголемиот работодавач“.

Но, до кога тоа ќе биде така? Во општината стравуваат дека во местото нема да останат сите банки. И самите жители на Јунгхолц се сомневаат во тоа, како Штефен Лохбилер, земјоделец:

„Ќе видиме што ќе биде, зашто кога било ќе отпадне банкарската тајна, а што ќе стане потоа, можеби не‘ чека изненадување“.

А изненадувањето може да биде непријатно. Јунгхолц има планинарски патеки во лето и снежни писти во зима. Но, ваква понуда има и на други места, дури и подобра. Туристичките претпријатија го пропуштија приклучокот, не инвестираа. Двата големи хотели се затворени, едниот е и урнат. Затоа, за Јунгхолц банките се пресудни.

Германското соседно село Вертах има повеќе крави и помалку банки. Овде има црква, нема хотел, само викендички и мешавина од туризам, земјоделство и стопанство. Градоначалникот Еберхард Јеле се присетува на времињата кога постоела завист кон Јунгхолц:

„Ние немавме толку средства на располагање колку Јунгхолц. Тоа делумно и денес се забележува. Зашто, ние сме зависни од нашите приходи, данокот на претпријатија и на приход и неколку други даноци кои можеме да ги собереме, а тоа не донесува толку многу колку што имаа порано во Јунгхолц“.

Додека сега во Јунгхолц владее страв дека Германците ќе ги повлечат своите пари, Вертах многу пооптимистички гледа на иднината.