Немирен мир на Блиски Исток
13 март 2014Милитантни Палестинци денеска испукаа четири ракети од Појасот Газа врз Израел, соопшти израелската армија. Во текот на вчерашниот ден, милитантната палестинска органзиација Исламски Џихад во рок од неколку часа, според сопствени наводи, испукала 130 ракети во насока на Израел. Таму пак, според израелската армија, експлодирале најмалку 60 ракети.
Тоа беа најтешки напади од 2012 година досега. Палестинците велат дека нападите се одмазда за смртта на тројца борци при израелски ракетен напад кој се случил пред два дена. Како одговор на нападите од Палестинците, израелската армија бомбардираше цели во Појасот Газа.
Ракетните напади ја засенија посетата на британскиот премиер Дејвид Камерон на Израел. Премиерот на средбата со израелскиот претседател Шимон Перес во Ерусалим рече дека „целосно ги осудува нападите“. На прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Камерон додаде дека „држава на Палестинците не смее да биде база за терор“.