1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема поместување на турскиот пат кон ЕУ

ЕМФ/дпа/афп/ард31 октомври 2012

Турција треба да стане конечно членка на ЕУ - бара турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган. Тој во Берлин разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, но од германска страна доби само ветување за „искрени преговори“.

https://p.dw.com/p/16aFk
Фотографија: Getty Images

И по средбата на германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган денеска (31.10) во Берлин, нема придвижување во преговорите на Турција за приклучување кон ЕУ. Ердоган останува на своите позиции по прашањето на Кипар. Нарекувајќи ја членката на ЕУ „Јужен Кипар“, тој денеска изјави: „Тоа што Јужен Кипар беше примен во ЕУ е грешка. Таа грешка само се зголемува.“

Според Ердоган, на ова прашање слично гледа и германската канцеларка. Канцеларката на ваквата изјава на турскиот премиер не реагираше. Таа на својот соговорник денеска му ветила „искрени“ преговори и на прес-конференцијата по средбата со Ердоган зборуваше за пријателски германско-турски односи.

„ЕУ е искрен партнер за разговори“, рече Меркел, а крајот на започнатите преговори е „отворен“. Она што еднаш е договорено, нема да се промени ниту со смена на владата, рече Меркел. Фактот дека нејзината Христијанско-демократска унија фаворизира само „привилегирано партнерство“ меѓу ЕУ и Турција е „прашање по кое немаме исто мислење“, рече Меркел, обраќајќи му се на Ердоган и додавајќи: „Со тоа, меѓутоа, научивме да живееме.“

PK Merkel und Erdogan in Berlin
„ЕУ е искрен партнер за разговори“, му рече Меркел на ЕрдоганФотографија: Getty Images

Турскиот премиер на разговорот со германската канцеларка се заложил за тоа луѓето со турски корени во Германија да имаат можност за двојно државјанство. Од надворешнополитичките теми на средбата во Берлин, фокусот бил ставен на ситуацијата во Сирија. Ердоган уште еднаш од ОН побара јасен став по прашањето на заштитна зона и зона на забранети летови во северниот дел на Сирија. Барањето за вакви зони тој не го изрече децидно, но потсети на „високата цена“ околу ваква забранета зона на летање што е платена во Ирак.

Пред Бранденбуршката капија денеска илјадници луѓе протестираат против политиката на Ердоган. На протести повика Алевитската заедница во Германија. Организацијата смета со околу 10.000 учесници. Демонстрантите го обвинуваат Ердоган дека во Германија создава „изолирани општества“ и дека е „архитект на паралелно општество меѓу турските младинци во Германија“. Освен тоа, тој се критикува и поради „непочитување на човековите права“ и како што се вели, поради тоа што е „непријател на Курдите и луѓето од другите вери“.