1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема ограда што ќе не запре

Лидија Томиќ/ сн4 јули 2015

Како изгледа да му се закануваш со ограда на некој кој побегнал од војната и смртта, препешачил цел свет и го совладал морето? Бегалците не се возбудуваат поради намерите на Унгарија да постави ограда на својата граница.

https://p.dw.com/p/1FsN1
Фотографија: DW/L. Tomic/D. Milošević

„Нема таков ѕид кој ќе не запре на патот до подобар живот. Препешачивме планини, препловивме море во гумен чамец , и се возевме под вагони низ две земји. Ако Унгарија подигне ограда, ќе ископаме тунел и ќе пројдеме под неа“, вели Даниел, еден припадник на авганистанското малцинство во Иран, кој 40 дена патувал до Србија.

Додека Унгарија се подготвува за градење на ограда висока 4 метри и долга 175 километри на границата со Србија, Даниел и неговите пријатели чекаат во близина на старата циглана во предградие на Суботица. Цигланата е во близина на пруга, депонија и гробишта, и претставува последна станица за бегалците кои се упатуваат кон Унгарија. Даниел и неговите сопатници, како илјадници други кои побегнаа од Авганистан, Пакистан, Иран и Сирија, се одмораат во импровизиран логор.

Нивниот нов „дом“ е круг околу оган, со стари војнички покривки на кои седат и спијат. Се’ што имаат е малку храна и чисти алишта, кои се спакувани во торби и висат на гранки. Дрва за оган собираат околу цигланата. Вода црпат со кофи од стар бунар. Не е чиста, но немаат избор- а нивните сегашни неволји не се ни одблиску толку големи во споредба со она што веќе го проживеале дома.

„Тешко е да се биде Авганистанец во Иран. Не можеме да добиеме ни државјанство ни вработување. Ако те фатат на граница, имаш две можности- да отидеш во Сирија и да се бориш, или да те депортираат во Авганистан. Така еден мој пријател го натераа да оди во војна“, вели Даниел.

Die Flüchtlings-Krise an der Serbisch-Ungarischen Grenze
Фотографија: DW/L. Tomic/D. Milošević

Следна станица- Унгарија

Даниел повремено преведува за својот пријател, 35-годишен Авганистанев кој на ова долго патување ја повел и сопругата и 6-годишната ќерка. Авганистанецот три дена пешачел низ планини, криејќи се од ирански снајперисти, потоа илегално ја поминал турската граница и со остантите запловил кон Атина. Низ Грција и Македонија поминале со воз, криејќи се на дрвени даски под вагоните. Македонската полиција ги забележала на граница, но им дозволила да преминат во Србија. Ги забележала и српската полиција и истотака го „посоветувала“ што е можно побрзо да заминат за Унгарија.

Даниел го изненадила веста дека Унгарија решила да подигне ограда, но тој и неговиот пријател остануваат оптимисти. Додека се поздравуваме со нив, во логорот доаѓаат тројца млади Унгарци, носат вода и малку храна. Велат дека се против најавениот потег на Будимпешта, но нагласуваат оти многу мештани ја поддржуваат владината политика. „Уплашени се, сакаат да се изгради оградата што е можно побрзо. Но нешто толку големо не може да се направи за неколку дена, и уште немам видено некои други промени на границата, на пример повеќе патроли“, вели Ласло, кој не сакаше да ни го каже своето презиме.

Во Суботица, мигранти главно нема на улица, но собрана е мала група во паркот. Околу 15 момчиња, сите од сириската метропола Дамаск, седат на земја. Гладни се и исцрпени, по 20 дена пат низ Турција, Грција и Бугарија. Сакаат да стигнат до Германија и таму да побараат азил.

„Војната во Сирија беснее. Нашите куќи се уништени, немаме ништо освен желба да побараме подобар живот. Луѓето како нас, сите тие ја напуштија Сирија, останаа само борици. Таму нема живот“, вели еден од нив.

Die Flüchtlings-Krise an der Serbisch-Ungarischen Grenze
Фотографија: DW/L. Tomic/D. Milošević

Очај и смрт

Неговиот пријател покажува фотографии од неговата мртва сестра на мобилниот телефон. „По нападот, остатокот од неговото семејство побегна во Турција“, вели првото момче.

Вели оти многумина на нивниот пат биле љубезни кон нив, но се плашат од организрани групи кои ги бараат по шумите. И мораат да излезат на крај со полицијата. „Кога стигнавме во Белград, отидовме да се пријавиме во полициска станица. Не ни дадоа никави документи, но ни рекоа да купиме карти за воз за Суботица. Во возот ни пријде полицаец, и бараше пари. Со оглед на тоа дека немавме доволно колку што бараше тој, не натера да се симнеме на наредната станица. Не знаевме каде сме и бевме многу уморни. Спиевме два часа и потоа ја следевме пругата до Суботица“, вели еден Сириец.

Сега чекаат да се стемни за да можат илегално да поминат граница. Не ги плаши оградата. Ѕвони телефон, и тие брзо се збогуваат со нас.

Привремена станица

На главниот плоштад во Суботица луѓе седат во кафулињата и деца играат околу фонтаната. Нема мигранти во близина. Еден од мештаните, Синиша, подготвен е да говори за ДВ. „Мигрантите доаѓаат веќе пет или шест години, ама во последно време гледаме дека ги има сѐ повеќе. Суботица е град на различни култури и националности. Не ни пречат мигрантите. Слушнав приказна за криумчари кои земаат пари да го одвезат до Унгарија и потоа ги оставаат на патарината кај Нови Сад“, вели Синиша.

Die Flüchtlings-Krise an der Serbisch-Ungarischen Grenze
Фотографија: DW/L. Tomic/D. Milošević

Следна станица е езерото Тресетиште на помалку од 100 метри од границата. Тука се собираат рибари/ ама нема ни трага од бегалци. Еден од чуварите вели дека бегалците обично се кријат во шумите и се обидуваат да ја преминат границата во текот на ноќта. На другата страна од езерото, двајца рибари од Романија кои се тука на одмор, велат дека виделе само неколку мигранти во последните неколку дена.

„Утрината видовме две групи со мали деца. Беа многу љубезни и само прашаа каде е границата“, вели еден од нив. Исто како во Романија, Преплавени сме со мигранти, ама ни кај нас не остануваат долго. Србија и Романија се само привремени станици на патот кон Западот“.