1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема крај на контроверзите со пописот во Албанија

24 септември 2011

Жестока дебата вчера (23.09) во албанскиот парламент за пописот. Вангел Дуле, шеф на Унијата за човекови права, партија што го застапува грчкото малцинство во Албанија, ја обвини владата за притисок врз малцинствата.

https://p.dw.com/p/12fqc
Фотографија: DW / Aida Cama

Тој ги оцени за противуставни дел од членовите од законот за попис, бидејќи ги кршат човековите права, со тоа што предвидуваат казна за сите што ќе се изјаснат како неалбанци.

„Властите од една страна тврдат дека постои слободно право за изјаснување, а од друга страна тие што ќе се изјаснат ќе бидат казнети. Тоа е ’пандорин подарок’. Во овие услови, целиот процес на попис е фрлен во воздух“, забележа Дуле. Тој бара итно да се разговара со претставниците на малцинствата.

Министерот за спроведување на пописот, Генц Поло, тврди дека обвинувањата се неиздржани, но во истовреме го повтори тоа што е спорно за припадниците на малцинските заедници - секој што нема да се декларира на пописот или ќе даде податоци без документи, ќе добие казна од 1000 долари или еден милион албански леки.

Albanien Vangjel Dule Menschenrechte
Вангел ДулеФотографија: DW

Контроверзи пред пописот

Жестоката дебата не запира и на една недела пред почетокот на пописот. Но, контроверзите околу него траат подолг период, преку протести на малцинствата и спорното гласање во јули во Парламентот, а се предизвикани од стравот од вештачко зголемување на неалбанското население.

Спорниот попис на населението ќе започне наскоро, по гласањето во Парламентот за законот што го покрива ова прашање, бидејќи претходното гласање помина со фалсификат, кога на листата на гласање излегоа и пратеници отсутни од државата, а некои од присутните гласале и по двапати.

Genc Pollo Albanien Staatsangehörigkeit Mazedonien
Генц ПолоФотографија: DW

Неодамна имаше протест од здруженија на малцинствата – Грци и Македонци, кои бараа одложување на пописот за шест месеци, бидејќи тој беше планиран без консултација со претставници на малцинствата. 

За Албанците е спорно изразувањето на етничката припадност

Еден од клучните играчи во противењето на законот за попис е Крешник Спахиу. Заменик претседателот на Високиот совет за правда подвлекува дека народот е против начинот на кој се спроведува пописот.

„Правниот акт за спроведување на пописот не е во согласност со уставните принципи и стандардите на ЕУ. ЕУ и САД сметаат дека се кршат човековите права и дека државата се меша во религијата и етничката припадност. Дури и Грција, која сама сака да ја турка примената на етничкиот попис, не го применува овој стандард. Потврдено е дека гласањето во парламентот е направено со кршење на процедурата и без кворум. Законот вели дека Парламентот гласа со 71 пратеник, а црно-црвената коалиција потврди дека двајца од нив не биле присутни, бидејќи биле надвор од земјата“, вели Спахиу.

„Пописот на етнички основи ќе предизвика вештачко зголемување на грчкото малцинство, откако илјадници Албанци со фалсификат сакаа да добијат 300 евра месечно и дозвола за да се преселат во странство“, заклучува Спахиу.

Врховниот суд веќе испитува одлуки на пониските судови за менување на државјанството и поништи дузина од нив, бидејќи откри дека се засновани на лажни документи. Официјалните податоци од Врховниот суд зборуваат за над 3.800 граѓани од јужните делови на Албанија, кои го промениле државјанството во грчко и над 150 во другите делови на север, кои добиле српско и црногорско државјанство. Поради тоа, противниците на законот се плашат дека пописот ќе покаже лажен пораст на грчкото и словенското малцинство во Албанија.

Prof. Pellumb Xhufi Albanien
Прељумб ЏуфиФотографија: DW

Противник на законот за попис во оваа форма е и влијателниот политичар и историчар Пељумб Џуфи.

„Пописот треба да се направи со исклучок на две работи: изјавата за самоопределба на националноста и религијата. Првенствено затоа што тие не се во согласност со уставот, бидејќи тој е модерен и не прави разлика меѓу граѓаните. Со ова, се прави кршење на принципот на секуларизам“, вели историчарот Џуфи.

„Албанија не е млада земја што се родила од распаѓањето на конгломерати. Албанија ги реши проблемите со малцинствата со договор во ОН, со кој грчкото малцинство беше признато, а исто така и Македонците и Црногорците. Има одредени области каде овие малцинства сочинуваат суштинско мнозинство“, забележува Џуфи.

Македонците се противат на одредбата за парична казна

Малцинствата сакаат да остане можноста за самоопределување на етничката припадност и секој да може слободно да си го изрази потеклото.

„Се противиме на постоечкиот закон за попис, посебно на членот 20, кој што вели дека определбта без документи за потврда на националноста треба да се казни со парична казна“, вели Никола Ѓурѓај, претседател на македонското друштво „Илинден“ во Албанија.

Albanien Land und Leute Kafe in Tirana
Фотографија: Mimoza Dhima

„Во работните групи за законот во Албанија мора да има барем по еден член од секое малцинство, како македонското, грчкото и така натаму. Не може да има сто проценти државна комисија. Македонија е за пример, бидејќи таму во работните групи има и претставници од малцинствата. Законот мора да се смени и мора да се продолжи времето за попис“, додаде Ѓурѓај.

Државјанство, наместо националност и религија

Во европските земји пописот не се базира на самоопределувањето на националноста или религијата, туку на државјанството. Дури и ОН им препорачаа на земјите во кои оваа година се спроведува попис дека самоопределувањето на националноста или религијата не е суштинско, туку индивидуално прашање. Самоопределувањето на националноста се судира со уставот на Албанија, кој предвидува дека сите граѓани на Република Албанија се првенствено граѓани со еднакви права, без оглед на националноста, религијата или полот.

Оваа година, со одлука на Обединетите нации, е година на попишување на населението ширум светот. Ова попишување во Албанија беше одложено поради локалните избори, што се случија на 8-ми мај.

 

Автор: Александар Методијев / Аурел Боричи

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска