1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Големи притисоци за преземање туѓи партиски членови

Катерина Блажевска7 декември 2015

Не може да има регуларни избори, ако ним им претходат активности кои се спротивни на слободното здружување и гласање, предупредуваат дел од партиите

https://p.dw.com/p/1HIOZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Нема големи партии, туку големи притисоци од партии кои сметаат дека политичкиот простор во земјата ексклузивно им припаѓа ним. Вака реагираат политички субјекти, по обиди на владејачките партии преку уцени и притисоци да им преземат дел од членството или да го намалат приливот на оние кои сакаат да партиципираат во нив. Трендот не е нов, но добива се‘ поголем интензитет со приближувањето на датумот на избори.

Бараат список со партиски членови

Лилјана Поповска, претседателка на партијата ДОМ, ваквите притисоци ги искуси уште пролетва.

„Сме ја правеле ДОМ како опозициска партија на СДСМ и влакно од главата не ни фалеше, а пролетта поради излегување од владејачката коалиција доживеавме нечовечки притисоци и уцени на наши членови, за да преминат кај големиот брат. Неколкумина попуштија и станаа човечиња со патент на устата, другите не се дадоа. Реагиравме јавно, собравме изјави за уцени од видни луѓе од довчерашниот партнер и чекаме нормализација на судството за да ги дадеме пријавите. Се лаже некој дека ќе добие гласови од луѓе што ги малтретирал и им се заканувал за сопруг, дете, внуче, за десетто колено“, вели Поповска.

Таа е децидна дека во Македонија е загрозено правото на слободно политичко изјаснување.

„Стравот јасно се чита и во анкетата на ИРИ. Не е логично во септември да се помалку оние што слушнале за прислушкуваните разговори во споредба со јуни, што мислат дека се автентични, што мислат дека им се прислушкува телефонот. Затоа што во истата анкета, дури 31% рекле дека не им е таен гласот и им го нарушува политичка партија, владата, ДИК или полиција! Убедливо мнозинство е опозициски настроено: 52% велат дека институциите не се способни за фер избори, 44% не веруваат во избирачката листа, 57% велат дека Владата нема решение за економските проблеми, 52% дека премиерот не заслужува реизбор, 51% дека нема слобода на говорот, 55% дека нема еднаков третман во судот, а дури 48% не кажуваат за кого ќе гласаат! Тогаш за каква демократска атмосфера зборуваме и како очекуваме фер и слободни избори? Најавуваме сериозна битка за правото на слободно изјаснување и гласање, заедно со сите свесни граѓани, на кои им е преку глава од уцени, притисоци и контрола“, порачува Поповска.

За слични искуства, зборува и лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов.

„Последниве неколку месeци има обиди на локално ниво преку коруптивни методи, но и класични закани, некои од локалните лидери на ДС да преминат во владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Досега тие активности останаа без резултати. Ги осудуваме активностите чија цел е со уцена да добијат список на членови на партијата. Идејата е да ги посетуваат и со ветување на привилегии да ги префрлат во свое членство. Ако кон членовитте на други партии вака постапуваат, замислете какви активности ќе преземат кон граѓани кои не се членови на партии“, предупредува Трајанов.

Mazedonien Skopje Statue von Alexander dem Großen
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Тој вели дека ДС е демократска партија отворена за приклучување на сите што ги прифатиле нејзините програмски определби и ставови и никого не го спречуваат ако сака да се пасивизира или да оди во друга партија. Непопустливоста кон ваквите притисоци и јасните програмски определби, придонеле ДС во последнава година да има голем прилив на членови кои досега не биле во активни во политички партии.

Гаши: Ги поминаа сите граници

Не е различна ни состојбата во политичкиот кампус на Албанците. Африм Гаши од Движењето „Беса“, вели дека уште кога се појавиле на политичката сцена, почувствувале голем притисок од постарите партии, особено од ДУИ.

„Тоа што беше највпечатливо, е изјавата на лидерот на ДУИ, кој во неколку наврати повтори дека на Албанците во Македонија не им требаат повеќе од две партии, алудирајќи дека нема место за „Беса“. Не ни очекувавме дека ДУИ ќе не пречека со цвеќиња, но тој притисок ги преминува сите граници на политичка битка, па и човечност“, вели Гаши.

На членството на „Беса“ сега веќе му е јасно на што биле подготвени опононетите, само за да го спречат функционирањето на Движењето.

„Уште пред нашето појавување, ДУИ креираа етикети дека овој субјект наводно се подготвувал во Турција, дека сме припадници на радикалниот ислам, се‘ до етикети за сомнително финансирање. Освен што ни направија голема штета во јавноста, кога знаеме каква неинформирана јавност има и како таа се креира, тие преземаа и кампања за истото да го сторат со амбасадорите во Македонија, па се‘ уште на нашите средби се неизбежни прашањата за етикетите кои тие ги фабрикуваа. Навистина ни е жал што дипломати и новинари толку лесно ги проголтаа ваквите обвинувања, а немаат проблем да се сликаат со луѓе од ДУИ, за кои постојат документи за нивна корумпираност и криминал“, вели Гаши.

Тие притисоци денес даваат погубни „резултати“, во општество кое се стреми да биде слободно и демократско.

Mazedonien Pro-Regierungsdemonstration
Фотографија: MIA

„Бизнисмените кои сакаат да ни помогнат, тоа го прават индиректно, бидејќи се плашат и кафе да пијат јавно со нас. Aко еден граѓанин дојде на средба со нас, веднаш се бара начин како да се укори. Им се менуваат работните места или се бркаат од работа, а тие што конкурираат не се примаат на работа ако член на семејството им е дел од БЕСА или бил виден со нас. Се следат дури и комуникациите по социјалните мрежи, па и еден „Like“ за БЕСА е причина за потрага по наведената личност и за пронаоѓање механизми за негово казнување. Жал ми е да констатирам, ама веќе одамна 'ѓаволот ја однел шегата', а слободата како највисоко и најценето човеково право во Македонија несомнено е во клиничка смрт!“, дециден е Гаши.

Притисоците да се пријавуваат

И други политички субјекти, укажуваат на истите методи. Шемата е иста. Нивни членови се повикуваат на разговор од претставници на власта, им се нуди подобро работно место или одредена привилегија, а ако одбиваат - им се закануваат со отпуштање од работа, со одземање концесија на земјиште или други егзистенцијални прашања поврзани со членови на нивните семејства. Според партиите, првата таква „кампања“ поминала без успех, но се подготвува втора.

„Не се откажуваат. Ќе ги одбиеш и си заминуваат, но по извесно време повторно се враќаат за да проверат дали има 'промена во расположението'. Ако нема, ги активираат заканите“, објаснува лидер на партиска организација во помала општина. Раководствата на владејачките партии се недостапни за одговор на прашњето: Може ли да има фер избори, кои се круна на Договорот од Пржино, ако ним им претходат активности кои се спротивни на слободното здружување и гласање?

Дипломатски извори велат дека за ваквите појави не треба да се молчи, туку навреме да бидат пријавени до надлежни институции и ОБСЕ.

„Треба јавно да се предупреди на се‘ што може да ја загрози регуларноста на изборниот процес. Ако има такви обиди, тие треба да бидат навреме пријавени. Само така ќе може и нечие членство, и генерално јавноста, да спречат такви евентуални обиди и да демонстрираат јасен став дека нема да дозволат некој друг да ја пренасочува и манипулира нивната волја“, укажуваат тие.