1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недопирливата Ангела Меркел

Руперт Видервалд / Симе Недевски20 август 2013

Ако се суди по ова политичко лето од соништата, канцеларката лесно ќе дојде до нов мандат на изборите наесен. Нејзината популарност во анкетите е стабилно висока, а не беше разнишана ни од аферата со американската НСА.

https://p.dw.com/p/19R5g
Фотографија: Reuters

На германскиот брег на Балтичкото море, Ангела Меркел ја отвори предизборната кампања. Во публиката се туристи од цела Германија, за кои можноста да ја видат канцеларката е добредојдена промена на рутината со сончањето.

„Тука сум на одмор. Денеска имавме тура овде и си рековме, зошто да не слушнеме што ќе каже“, вели еден, а друг додава: „Ми се допаѓа и гласам за неа, но немаме директни очекувања. Ветувања има од сите страни. Но, прво да слушнеме.“

„Ние сме нејзини обожaватели. Не бевме гласачи на нејзината партија. Но откако е таа канцеларка, веднаш гласавме за неа бидејќи сме воодушевени од нејзината политика. Таа е важна жена во светот. За Германија не можеше да се случи ништо подобро“, велат дел обожавателите на германската канцеларка.

Сепак не е сѐ сјајно

Татнечки електробасови наместо кантри бенд. Доаѓа канцеларката. Вакви настапи таа ќе има уште безброј пати до изборите. Се’ се врти околу Ангела Меркел, таа е во фокусот. Зборува, а пораката е јасна - се' е добро и ќе остане така се’ додека Ангела Меркел е канцеларка.

Wahlkampf Angela Merkel in Ludwigshafen
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Кога станав канцеларка во 2005 година, мое прво наследство беа над 5 милиони невработени во Германија. Тогаш еден весник со големи букви напиша 'Госпоѓо канцеларке, ова се сега ваши невработени лица'. Си реков: 'Добро, тогаш се мои.' Денес имаме помалку од 3 милиони невработени. Од тогаш го преполовивме бројот на млади луѓе без работа.“, порала Меркел, која е претседателка на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).

Тонот на предизборната кампања на Ангела Меркел е: На Германија ѝ оди добро, економијата не е во криза, а проблемите и не се толку тешки. Меркел најави и подароци: малку повеќе пари за образование, малку помали даноци и севкупно помали долгови.

Балтичкото крајбрежје веќе 20 години е изборна единица на Меркел. Извонредно обновените историски гратчиња како Штралзунд и чистите плажи привлекуваат туристи. Речиси сѐ што е тука ново, е од нејзино време. Луѓето се горди на својата пратеничка и канцеларка. Меѓутоа, ако малку подобро се погледне, ќе се види дека не е се' сјајно.

„Само така и натаму“

Годинава ќе биде затворено последното бродоградилиште во регионот. Бројот на невработени и сиромашни континуирано расте. По туристичката сезона малку кој доаѓа тука. Насекаде недостасуваат пари - дури и за зачувување на статусот на светско културно наследство. Во Штралзунд во влажна визба речиси скапуваат над 20 илјади за градот вредни книги - за правилно чување недостасуваат средства.

Bundestagswahlen 2013 Wahlplakat CDU
Фотографија: John MacDougall/AFP/Getty Images

За сево ова нема место во предизборната кампања, особено ако сте на власт. Ангела Меркел во еден ден посети 3 туристички места и зборуваше пред се' за своите успеси. Меѓутоа, интересно е она што не го кажа. Шпионирањето на Германците од страна на американските тајни служби за Меркел не е тема. Зборуваше само кратко за заштитата на податоци, како дел од нејзината економска политика.

„Во Германија сега имаме сосем специфични претстави за заштитата на нашите податоци. Видете, да размислиме малку кои компании уште се чувствуваат во Европа како дома? Гугл? Не. Јаху? Не. Мајкрософт? Не. Епл? Не. Што уште можеме да направиме во Европа за во иднина да бидеме уште понезависни?“, рече германската канцеларка.

Ангела Меркел во предизборна кампања. Канцеларка која ветува малку експерименти и едно силно “и натаму - само така“. Кој сака нешто поинакво, ќе биде разочаран - како група млади момчиња и девојки. По трите настапи во истиот ден канцеларката едноставно го откажа терминот за фотографирање со практикантите од Европа.