1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Недемократизирани партии не може да ja демократизираат Македонија

Катерина Блажевска28 октомври 2014

Сите партии во РМ повеќе или помалку го прифатија централизираното раководење, гушејќи ја со тоа дебатата, пред се‘ во своите редови, а со тоа и во општеството, едногласни се аналитичарите.

https://p.dw.com/p/1Dd4Z
Фотографија: MIA

Вооружена престрелка, повредени, пукање од службено оружје... Ова не е сцена од акциски филм, туку петочната (24.10) сцена од скопско Кондово, во која главните улоги ги имаа активисти на ДУИ во битка за одредени партиски привилегии. Според партиски извори, сличен инцидент пред еден месец се случил и во Сарај, но за среќа, не било употребено оружје. Позициите и амбициите, тогаш внатрепартиските ривали ги мереле „само со мускули“. Мускулите во август заиграа и во парламентот. Пратеници на ДУИ и ДПА влегоа во физичка пресметка при комисиската расправа за буџетот за 2015 година. Аналитичарот Арсим Зеколи тогаш изјави дека инцидентот „не е неочекуван“.

„Тоа што се случи во парламентот е морално непријатно, но политички сосема очекуван резултат во процесот на хулиганизација на законодавната и извршната власт, започнат уште на 24 декември 2012 година. Ова можеше да се очекува уште по номинирањето на нови имиња во пратеничкиот и министерски состав на ДУИ, преку вклучување на лица, познати, пред се‘, по насилничко однесување“, рече Зеколи.

Тоа беше т.н. „црн вторник“, кој се случи две години по собранискиот „црн понеделник“, во кој новинарите и опозицијата со употреба на физичка сила беа исфрлени од законодавниот дом. Последиците од тој чин до денес не се санирани, односно не се обезбедени механизми, кои преку Етички кодекс, промени во Деловникот и законски измени ќе и‘ дадат предност на демократската дебата.

Некои „нови клинци“

По ваквата серија настани недолични за субјекти кои партиципираат во извршната и законодавна власт, во јавноста логично се наметнува прашањето: Како партиите ќе го демократизираат општеството, ако не се внатрешно демократизирани? Ова не се однесува само на случаи кога вербалната дебата е заменета со физички пресметки или со пукање од оружје, туку и со методите на централизирано раководење кои ги прифатија речиси сите партии, како „рецепт за успех“, но на штета на демократската дебата во сите сфери и нивоа.

Нема демократазизација на општеството без демократизирани партии, едногласни се аналитичарите. Едмонд Адеми со жалење констатира дека и по 22 години партиски плурализам, партиите во Македонија наместо внатрешно да се демократизираат, стануваат се‘ поцентрализирани.

Symbolbild Bleistift Studenteninitiative
Партиите во Македонија наместо внатрешно да се демократизираат, стануваат се‘ поцентрализирани, оценува АдемиФотографија: Fotolia/Mark Carrel

„Ако не можете да демократизирате една средина со 5, 10 или 15 илјади членови, со право се поставува прашањето како ќе демократизирате едно општество со два милиони граѓани? Европските партии, и од десницата и од левицата, по однос на внатрешната демократизација веќе долго време го спроведуваат концептот на 'еден член еден глас', каде сите членови на одредена партија го бираат раководството на директни внатрешни избори. Ова е само еден сегмент од внатрешната демократизиција на партиите. Други сегменти се фракционерство, одвоено мислење за одредено прашање, поголема слобода, односно децентрализација на локалните ограноци и.т.н. За жал, ние сме многу назад во тој дел и верувам дека ќе треба уште време тоа да се промени. Или, пак, ако во актуелните партии во меѓувреме дојдат некои 'нови клинци', кои, ако веруваат вистински во принципите на демократијата, ќе можат да направат чекор напред и во насока на внатрешната демократизација на партијата што ја водат. Тоа ќе биде долг процес, но некој и од некаде мора да почне. Кога ќе се случи тоа - тешко е да се претпостави. Ако се суди според последните настани во владејачката ДУИ, и проценките дека ова е само почеток на тоа што ќе се случува внатре, како и некои други процеси во други партии, овој процес е далеку. Како што се вели, 'далеку е сонцето'“, смета Адеми.

Кондово како сигнал

Борба за позиции, жестоко ривалство меѓу партиски ограноци и фаворизирањето на одредени локални моќници, станаа заштитен знак на ДУИ во Чаир, Куманово, Тетово, Кичево, Струга.

Министрите и партиските функционери на ДУИ деновиве се целосно недостапни за разговор околу состојбите во партијата. А сето ова се случува во време кога премиерот Груевски најави дека Владата ќе подготви Акциски план за решавање на проблемите нотирани во извештајот на Европската Комисија. Секој министер во својата област треба да го анализира Извештајот и врз база на забелешките да креира предлог за промени за реформи, кои ќе влезат во документот на Владата. Предлозите треба да ги понудат за десетина дена.

Но, можна ли е воопшто интеграција во ЕУ, без интеграција дома, односно без интеграција во партиите, особено владејачките, кои треба да бидат најголеми генератори на тој процес? По настаните во Кондово, Сарај и претходно во Собранието, за Демократската унија за интеграција (ДУИ) станува се‘ потешко да ги оправда одредниците во нејзиното партиско име. Но, според аналитичарите, тоа е само една алка во сиџирот, која открива зошто е лош „вкупниот резултат“ на Македонија. Мирјана Најчевска од Институтот за социолошко, политички и правни истражувања, вели дека престрелката во Кондово е „сигнал“.

Mirjana Najcevska
Мирјана НајчевскаФотографија: Sveto Toevski

„Прво, сигнал за неказнивоста на насилството кое постепено станува редовна алатка на политичкото делување. Второ, сигнал за апсолутно отсуство на елементарно разбирање на демократскиот систем, кој подразбира партиципација на сите ниво на одлучување. Трето, сигнал за такво метастазирање на партискиот наспроти правниот модус, кој ги спречува луѓето да го перцепираат фактот дека расправата за која се потегнало оружје била околу партиска распределба на работни места. Не околу идеи, не околу различни вредности, не околу процедури, туку за тоа кој успеал да вработи поголем број партиски војници“, констатира Најчевска.

Политиколози многупати предупредуваат дека демократијата во Македонија нема да добие шанса се‘ додека демократизацијата се доверува на суштински недемократиски партии, кои низ практицирањето на власта јасно покажуваат дали ја сакаат власта од државотворни или од лукративни интереси. Таквиот тренд постојано репродуцира стагнација и општествена инерција, бидејќи во тој систем државата е претворена само во привид.

Ново движење

Токму незадоволството од вкупните состојби и од сегашниот степен на демократизација на партиите, се дел од причините заради кои уредникот на магазинот „Шења”, Африм Гаши, деновиве најави формирање на нов политички субјект - движењето „БЕСА“.

„Недостигот од внатрешна демократизација на политичките субјекти кај нас е евидентен и присутен од почетокот на плурализмот. Обесхрабрувачки е тоа што овој процес воопшто не еволуираше, а во многу примери се деградираше. Тоа придонесе во Македонија денес да имаме султан-партии, каде претседателите се семоќни во носењето на своите одлуки. Па, и кога губеа по неколку пати на избори, не помислуваа да дадат оставки, а органите не партиите немаа храброст тоа да го побараат од нив. Таа појава ја јакнеше нивната позиција во партиите, а ја умртвуваше дебатата во партиите и во општеството. Овој феномен е присутен кај сите политички партии, а кај албанските субјекти тоа е доминантна појава. Па така, може лесно да се констатира дека без Ахмети и Тачи на чело на партиите, ДУИ и ДПА би исчезнале набрзо. Тоа е алармантна појава за демократските капацитети на едно општество“, вели Гаши.

Според него, големиот недостиг на демократски капацитети воопшто, а особено во албанскиот политички блок, се дел од причините зошто млади интелектуалци решиле да се организираат политички.

Symbolbild Jobsuche Social Media
Можна ли е воопшто интеграција во ЕУ, без интеграција дома, односно без интеграција во партиите, особено владејачките, кои треба да бидат најголеми генератори на тој процес?Фотографија: Fotolia/Foto-Ruhrgebiet

„Да не бевме убедени дека работата е отидена предалеку, не ќе се нафатевме на оваа работа за која мислиме дека е многу тешка. Но, исто така сме убедени дека ако сме упорни во нашите добри намери, секако ќе постигнеме успех. Ако сакаме да успееме како држава и како општество, мораме да најдеме начин како да го смениме системот на вредности кој е инсталиран подолго време кај нас. Наместо насилство, нам ни треба дијалог. Наместо корупција ни треба морал“, ги објаснува Гаши вредностите кон кои ќе биде фокусирано новото движење.

И покрај „опременоста“ со бројни партиски органи и тела кои треба да бидат доказ за децентрализирано одлучување во партиите, аналитичарите се согласуваат дека тоа е само лажна партиска „галантерија“. Сите партии повеќе или помалку го прифатија централизираното раководење, гушејќи ја со тоа дебатата, пред се‘ во своите редови, а со тоа и во општеството.

Тоа е и една од причините за сеопштата стагнација. Состојбите бавно се менуваат или не се менуваат воопшто.

„Gans and roses“ - со ова име, позајмено од американскиот хард - рок бенд, во јавноста своевремено иронично беше нарекувана владејачката коалиција меѓу СДСМ и ДУИ. Едните, поради оружјето од кое се беа разоружале по трансформација на ОНА во политичка партија, а другите поради партискиот симбол - розата. Денес состојбите не се многу изменети. Оружјето и натаму држи збор, „розите“ се препарирани во бојкот, „лавовите“ хибернирани во власта, а демократизацијата и натаму живее на хартија.