Невремето побрзо од законот
31 мај 2022Во само два дена невреме со обилни врнежи од дожд и град, голем број земјоделски посеви претпреа штети. Дел од нив и 100%. Секоја година состојбата е иста: по елементарна непогода на терен излегуваат комисии за проценка на штетите, а земјоделците кои не си го осигуруваат производството - чекаат одреден процент обештететување од државниот буџетот. И покрај владините субвенции од 60% за склучување осигурителни полиси, осигурувањето во земјоделството сѐ уште е на многу ниско ниво. Според податоци од Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), во 2021 година биле склучени вкупно 3.858 договори за осигурување - од нив 3.174 за посеви и плодови, и 684 за осигурување на животни. Споредбено со претходните години, евидентно е дека вкупна бројка на склучени договори за осигурување не расте: во 2020 година таа изнесувала 3.751, вo 2019 година 3.803 и во 2018 година 3.493.
Изгорен од мразот
Земјоделството како стопанска дејност во Македонија во вкупниот бруто домашен производ на земјата учествува со околу 9%. Иако околу половина од вкупната територија е земјоделско земјиште, генералната слика кажува дека постои многу ниско ниво на развој на земјоделско осигурување. Причините се повеќеслојни, а некои од нив за ДВ ги сподели земјоделец од струмичко.
„Бев меѓу првите што направив осигурителна полиса, и меѓу првите што се разочарав. Имав осигурување од пролетен мраз, ама она што било напишано со ситни букви, не сум го видел. На пример, ако штетата сум ја претрпел во март, друштвото за осигурување тој ризик го признава од април, кога практично се многу помали шансите за таква штета. Таквите изигрувања ме демотивираа, и не продолжив со осигурување“, објаснува соговорникот.
Според него, најголем проблем е нереалната проценка на штетите од страна на друштвата за осигурување.
Земјоделците најчесто ги осигуруваат лозовите и овошните насади, житните и градинарски култури, а освен од град, пожар, гром, пролетен мраз, се осигуруваат и од губење на квалитет.
Секој земјоделец ќе мора да се осигура
Имајќи предвид дека осигурувањето претставува гарантирање на производството и правилно планирање на земјоделскиот развој, пред надлежните со години стоеше предизвикот како да се подигне свеста кај земјоделците за придобивките од осигурувањето, а од друга страна да се подигне професионалноста на осигурителните компании. Од крајот на минатата година, врз основа на позитивни искуства од турскиот и шпанскиот модел на осигурување во земјоделството, решение за состојбите се бара преку нов модел на осигурување, односно Закон за задолжително осигурување во земјоделството, кој ќе ги замени постоечките ад-хок шеми за исплата на штети од буџетот.
Нацрт законот, кој е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР) предвидува Владата да основа Фонд за задолжително осигурување во земјоделството. Фондот, кој ќе има својство на правно лице, ќе врши задолжително осигурување на посев, плод, грло добиток, пчелно семејство и рибник од штети предизвикани од неповолен климатски настан; ќе собира и ќе управува со податоци за осигурувањето; ќе креира осигурителни производи; ќе склучува договор со Земјоделските осигурителни пулови и ќе спроведува кампањи за промовирање на осигурувањето. Фондот ќе остварува приходи од Буџетот, од полисирана премија, од приходи од реосигурување, но и од други извори.
Нема навестување кога решението од хартија ќе премине во практика, а уште помалку со какви предизвици може да се соочи во неговата имплементација.
На товар на Фондот 20%
Според нацрт законот, земјоделските стопанства кои се регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства (ЕРЗС) пред поднесување на барање за финансиска поддршка за тековната година, должни се да ги осигурат во Фондот посевите и плодовите од насадите, грлата добиток, пчелните семејства или рибниците за кои бараат поддршка. Физичките и правни лица кои не се регистрирани во ЕРЗС а остваруваат земјоделско производство, можат да го осигурат своето производство во Фондот со целосно плаќање на премијата. Фондот ќе склучува договор за вршење на услуги за осигурување со секој осигурителен пул формиран согласно Законот за супервизија на осигурувањето. Членките на пулот - Друштвата за осигурување, се единствени овластени кои во име и на сметка на Фондот ќе продаваат полиси за осигурување во земјоделството. Ризици на осигурување во земјоделскиот сектор се сметаат град, молња, поплава, буици, суша, пролетен мраз, бура и пожар. Процената на штетите настанати врз основа на утврдените ризиците ќе ја вршат овластени проценители согласно Законот за процена.
Во нацрт законот се предвидува 20% од висината на премијата да биде на товар на Фондот за осигурување, а земјоделските стопанства да плаќаат од 30% до 80% од премијата за осигурување. Ако се исполнат условите за исплата на штета, оние кои платиле 30% од премијата се стекнуваат до 50% од осигурителната сума и тој процент каскадно расте, па оние кои платиле 80% од премијата се стекнуваат со 100% од осигурителната сума.
Основачкиот капитал на Фондот е предвидена изнесува три милиони евра. Тоа е помалку од сумата што во март годинава Владата ја исплати за штетите кои ги претрпеле земјоделците од елементарни непогоди, а изнесуваше 4,5 милиони евра. Станува збор за исплата на штетите од елементарни непогоди што ги претрпеа земјоделците во 2016, 2017 и во 2018 година. Висината на обесштетувањето е 10 отсто од вкупно проценетата вредност, а со одлуката беа опфатени 35 елаборати поднесени од 29 општини, за обесштетување на над 9.100 граѓани и правни субјекти.
Владата тогаш дополнително донесе одлука и за исплата на обесштетување за штети врз земјоделските посеви во 2021 година во општините Росоман, Демир Капија, Ранковце, Карбинци и Богданци, на 10 % од проценетата штета, за 1.072 физички лица и правни субјекти.