1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Невидливите луѓе во БиХ

Здравко Љубас / Е.М. Фиданоска20 март 2016

Европа со месеци се соочува со бегалска криза. Проблеми имаат пред сѐ земјите на т.н. Балканска рута. Притоа, во БиХ, како и во Србија, сѐ уште не е сосема решен ниту проблемот со раселените лица од војните од 90-тите.

https://p.dw.com/p/1ICx1
Самир Мусиќ со децата Самира и РаифФотографија: DW/Z. Ljubas

„Животот ми се претвори во прашањето - како натаму? Како да се прехранат децата, како да им се обезбеди она најнужното и како да се заштитат?“, се прашува Самир Мусиќ, кој и 20 години по војната со семејството живее во бегалски камп во селото Велагиќи, недалеку од Кључ. Од родната Бања Лука заминал како 16-годишник, на почетокот на војната, па преку Влашиќ стигнал до територијата под контрола на тогашната Армија на БиХ. Оттаму го продолжил патот до Австрија, каде што живеела мајка му. Во Австрија завршил пекарски занает, почнал и да работи, но набрзо по војната донесол одлука да се врати во Босна и Херцеговина. Со оглед на тоа што во родниот град не можел да се врати затоа што немал каде, тој патувал и работел по цела земја. Во Кључ се запознал со сопругата, која исто така немала постојан престој, па го прифатиле понуденото колективно сместување, мислејќи дека тоа ќе биде само некакво привремено решение.

„Во овој камп живееме повеќе од 14 години. Тешко е и да се опише како преживуваме без работа, без примања. Среќа што не мораме да плаќаме струја и греење, за што трошоците ги подмирува месната заедница, која и самата е корисник на дел од бараките во бегалскиот камп“, вели Самир. Додава дека имало и подобри времиња, додека работел како пекар, но поради здравствени проблеми тоа веќе не може да го работи. Среќен е, вели, ако соседот некогаш го повика да му ги исчисти шталите и да го исфрли шталското ѓубре, затоа што за тоа му дава „дваесет конвертибилни марки и црево суџук“.

„Тешко ни е веќе и да зборуваме за сѐ“, вели сопругата на Самир, Белма. „Понекогаш добиваме малку помош во храна од хуманитарните организации како Мерхамет или Каритас, но и тоа е сѐ поретко.“

Додека Самир го покажува електричниот шпорет кој буквално се распаѓа, како и празниот фрижидер со малку јајца што ги добил како надокнада за некоја физичка работа, Белма раскажува дека на децата најчесто им прави мекици токму од тие јајца и од брашното кое го добиваат од хуманитарните организации. Самир вели дека за цело семејство е празник кога тој работи кај соседите и кога ќе заработи црево суџук.

Bosnien und Herzegowina Kljuc Flüchtlingscamp
Центарот за бегалци во велагиќиФотографија: DW/Z. Ljubas

Невидливи луѓе

Немаштијата некако и ја поднесуваат, но во краен очај ги фрла односот на луѓето кон нив. Луѓето кои живеат во кампот за повеќето соседи се, како што велат, само објекти кои им го нарушуваат убавото опкружување, суштества кои не би требало да бидат тука, невидливи луѓе. „Најтешко ми е што никој не ни доаѓа. Немаме пријатели, немаме со кого да поразговараме, луѓето нѐ избегнуваат, како да сме одбележани, поинакви“, вели Самир. Тој тажно додава дека децата, обидувајќи се да ги сокријат солзите, често доаѓаат дома расплакани, затоа што другите деца, нивни врсници од соседството, не сакаат да играат со нив, со децата од кампот.

Кампот во Велагиќи, освен семејството Мусиќ, го користат уште шест семејства, главно од села од регионот на Кључ и Сански Мост. Разочарани поради условите во кои живеат, тие се ретко расположени да разговараат со новинарите. Е.С. во кампот е веќе осум години. Работела околу шест години, но ретко добивала плата. Сега работи кога некој ќе ѝ понуди физичка работа за да се прехрани себеси и 15-годишната ќерка. „Да имам макар нормален покрив над главата и некаква работа за да го исшколувам детето. Ништо не би ми било тешко“, вели таа. Иако била одлична ученичка, ќерката продолжила да се школува за трговец. Така „има шанси да најде работа“, иако многу сака еден ден да студира на Ликовната академија во Бихаќ или Сараево.

Разговараме во заедничките простории на корисниците на кампот, трошната кујничка на која времето оставило траги. Е.С., која замоли да не се користи нејзиното цело име и презиме, чека прилика ќерка ѝ да замине во друга соба, па признава дека „загубила секаква надеж“ и дека животот во целост ѝ се претворил во борба за подобро утре на нејзиното дете.

На лицата на Самир и Белма Мусиќ исто така е тешко да се види што било друго освен очај. Сепак, пронаоѓаат сила да возвратат насмевка и, и покрај сите неприлики, да им пружат многу љубов на Раиф и Самира. За малку среќа, како што вели Самир, доволно е и убавото време. „Тогаш сме главно надвор, одиме по околните ритчиња, собираме печурки, ореви, овошје... Кога барем би имале коза, кокошки или крава, би ни било многу полесно“, размислува гласно Самир. А, потоа тажно додава: „Но, немаме каде да ги чуваме... Ние сме заборавени луѓе, луѓе на крајот на светот.“

Bosnien und Herzegowina Kljuc Belma Music
Белма Мусиќ подгрева млеко за децатаФотографија: DW/Z. Ljubas

Колективните центри се пред затворање

Се проценува дека во текот на војната од 1992 до 1995 година во Босна и Херцеговина од своите огништа заминале повеќе од три милиони луѓе. На подрачјето на Федерацијата БиХ, според официјални податоци, има уште 93 активни бегалски центри, со вкупно 1.956 корисници. Сулејман Алијагиќ, помошник на министерот за раселени лица и бегалци на Федерацијата БиХ за ДВ вели дека поголемиот дел од бегалските центри би требало да биде затворен до 2017 година. Наместо колективни центри, за лицата кои сѐ уште немаат сместување ќе бидат изградени т.н. „социјални станови“. Средствата за нивна изградба се обезбедени од буџетот и преку кредитни задолжувања, а работите се во тек во поголемиот дел од кантоните во Федерацијата. За жал, тоа не е случај со Унско-санскиот кантон, на чија територија се наоѓа бегалскиот камп во Велагиќи. Според Алијагиќ, тој кантон ќе се најде во вториот круг на реализација на проекти за решавање на прашањето на колективни центри за раселени лица.

Самир и Белма Мусиќ, како и Е.С., се плашат да си побараат среќа на некое друго место, стравуваат дека би можеле да го загубат и тој, каков-таков, покрив над главата. Велат дека загубиле надеж, но сѐ уште имаат верба во Бога и во добри луѓе. Раиф и Самира чувствуваат, но не можат да ја разберат грижата и очајот на своите родители. Ним за малку среќа им е доволна и нова топка. Старата, единствената која ја имале, им ја изгризале и однесле кучињата скитници, ретките посетители кои сѐ уште доаѓат во бегалскиот камп во Велагиќи.