220709 Sonnenfinsternis Indien
22 јули 2009Сонцето да изгрее двапати во Индија воопшто не се случува често. И така не само бројните телевизиски станици туку и милиони луѓе во раните утрински часови ги вперија погледите кон небото. Меѓу нив беше и научничката Палава Багла: „За мене тоа беше еден од најфантастичните моменти, да се види тотално помрачување на сонцето. Да се гледа како сонцето се замрачува и потоа да се види само неговиот сјаен прстен. Тоа е извонредна глетка.“
Наредното целосно помрачување по повеќе од еден век
Многумина знаеја дека месечината на ваков начин ќе го претвори денот во ноќ дури во 2132 година, и оти ваков феномен нема да можат да доживеат дури ни при најоптимистичките планови. Затоа многумина, условно кажано, сончеви-туристи се упатија кон најдобрите места за следење на помрачувањето. Други пак го преживеаја во страв.
Со драматична музика пред се’ телевизиите на хинди јазикот уште пред помрачувањето упатуваа предупредувања и тоа не само она вообичаеното да не се гледа во небото без специјални очила за заштита од ултравиолетово зрачење.
Имено сонцето игра ограмна улога во хундуизмот, тоа дава светлина и е извор на сета добрина. За време на помрачувањето, според легендите, демонот со име Раху со обидува да го освои сонцето. Тоа за луѓето не може да значи ништо добро: „Последиците варираат според хороскопските знаци. Може да се загубат пари, или работното место, а некои добиваат здравствени проблеми. Особено трудните жени во овој период не треба да спијат. Тоа би можело да влијае врз нероденото дете и да оштети делови од неговото тело.“ , вели астрологот Бајџнат Тевари.
Породување само во апсолутни итни случаи
Гинекологот Шивани Гоур, која работи во една реномирана болница во Њу Делхи вели дека трудниците кои се пред породување навистина се обидуваат со сите сили да го одложат породувањето на овој наводно црн ден: „Ако планираното породување треба да биде извршено со царски рез, тогаш тоа комплетно отпаѓа. Понекогаш мораме меѓутоа од медицински причини да извршиме породување, но и тоа луѓето го отфрлаат. Тие доаѓаат само во апсолутно итни случаи.“
Но на лекарите не им задава грижи само ваквото суеверие туку тие стравуваат и дека многумина го проследиле небескиот спектакл со голи очи без заштитните специјални очила.
Автор: Кај Кистнер/ Симе Недевски
Редактор: Александра Трајковска