„Не сакам да убиваат во мое име“
27 август 2014ДВ: Зошто се одлучивте да ставите потпис на писмото во кое многу остро се критикуваат Израел и САД?
Едит Бел: Многу ме вознемири она што се случува во Израел и Газа. Уверена сум дека ниту еден од овие проблеми не може да се реши со воена сила. Пред се‘, огорчена сум што холокаустот, моето страдање за време на војната, се користи за да се оправда убивањето невини луѓе.
Вашата реакција е поврзана со Ели Визел, кој во еден оглас, објавен исто така во „Њујорк тајмс“, го поврзува Хамас со нацистите и му префрла култ на убивање. Кои се Вашите аргументи?
Израсната сум во Германија. Татко ми се бореше во Првата светска војна, т.н. голема војна, која требаше да стави засекогаш крај на сите војни. Сфативме дека борбите со себе носат нови борби. Со тоа не се решава ништо. Како што ви е познато, бевме третирани како лица од понизок вид. Најголемиот дел од животот работев за мир и праведност за да се спречи воопшто некогаш некому да му се случи такво нешто повторно, сеедно дали роден Американец, Афроамериканец, хомосексуалец, Евреј или Арап.
Зошто мислите дека нападот на Израел врз Газа може да се означи како геноцид?
Затоа што се работи за слепо убивање луѓе. Се убива цел еден народ. Мојот внук кој живее во Израел пред 20 години ми рече: „Вие во Америка ги убивте вашите Индијанци.“ Да, точно е, но две погрешни работи не даваат една исправна.
Меѓу редови во отвореното писмо и во Вашите одговори се чувствува многу бес. Зошто?
Не сакам некој во мое име да прави такви работи и притоа да користи мои пари од данокот. Американската влада се чини мисли дека Аипак (произреалско лоби, н.з.) ја застапува нашата етничка група, но тоа не е точно. Се работи за една организација која има големо влијание врз американскиот Конгрес и која тврди дека ги претставува американските Евреи. Но тоа очигледно не е така.
Сакате ли американската влада да запре со поддршката на Израел?
Да, токму така. Одамна сум член на Меѓународната женска лига за мир и слобода и ние се залагаме за ставање крај на илегалната окупација на Газа и колежот што се случува таму. Ние се залагаме за прекин на огнот, за преговори со сите страни во конфликтот, за меѓународна хуманитарна помош за Газа и бараме САД и Израел да бидат повикани на одговорност.
Германската канцеларка Ангела Меркел му дава поддршка на Израел и неговото право на самоодбрана. Треба ли да ја промени својата политика?
Оваа самоодбрана е прилично несразмерна. Израел е најмоќната нација на Блискиот Исток. Палестинците во Газа немаат армија, немаат воена авијација, немаат морнарица, немаат такво оружје како што има израелската страна. Населението во Газа живее во состојба на постојана окупација. Луѓето се протерани од своите домови во бегалски кампови каде нема доволно вода, храна, лекарска нега и струја. Сега ги тераат дури и оттаму. Каде би требало да одат?
Вие го имате преживеано холокаустот. Како вашите искуства од тоа време влијаат врз вашиот однос кон Газа?
Израсната сум во Хамбург, а моето семејство подоцна се пресели во Амстердам. Германците ги фатија моите родители. Татко ми почина во Терезин, а мајка ми во Аушвиц. Чиста среќа е што јас преживеав неколку концентрациони логори. Кон нас се однесуваа како кон понизок вид. Тоа не смее да го искуси веќе никој.
Едит Бел го има преживеано холокаустот. За време на нацистичкиот прогон била затворена во логорите Терезин и Аушвиц. По војната емигрира во Израел, а потоа во 1954 година се сели во САД. Денес живее во Питсбург.