1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не попуштаат ниту демонстрантите ниту Ердоган

ЖА/дв/дпа/афп1 јуни 2013

Илјадници демонстранти денеска (01.06.) повторно излегоа на улиците на Истанбул протестирајќи против политиката на исламско-конзервативната влада на премиерот Ердоган. Полицијата пак употреби водени топови и солзавец.

https://p.dw.com/p/18iH7
Фотографија: Reuters

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во меѓувреме призна дека постоела грешка во акцијата на полицијата против демонстрантите, но истовремено најави нејзино продолжување. Бранот протести, кој продолжува денеска, уште вчера зафати повеќе турски градови. „Искрата“ всушност беше насилното растурање на протестниот камп, со кој група луѓе се спротивставија на уништувањето на еден парк во центарот на Истанбул, на плоштадот Таксим, како и на изградбата на спорен градежен проект на негово место - трговски центар. Протестите во меѓувреме се свртија и против се‘ поавторитарната политика, според впечатокот на луѓето, која ја води исламско-конзервативната владејачка партија АКП.

Türkei Istanbul Ankara Demonstrationen Mai Juni 2013
Фотографија: Reuters

Демонстрантите и набљудувачите сметаат дека со оглед на жестината на полициската акција, има стотици повредени. Властите не го потврдија ова, како ни информациите за повеќе загинати, раширени преку социјалните мрежи. Уште ноќеска до раните утрински часови непрекинато на улиците протестираа илјадници луѓе.

Ердоган денеска призна дека реакцијата на полцијата била несразмерна, поради што наредил истрага. Но, тој ги повика демонстрантите да ги запрат протестите. Владата, избрана од народот, нема да потклекне под барањата на едно малцинство, истакна тој. Повеќе опозициски партии побараа запирање на полициската акција.

Рупрехт Поленц, претседателот на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг, во изјавата за турската редакција на Дојче веле по инцидентите во Истанбул, повика на претпазливо вреднување на фактичката ситуација поради противречните информации. Но, според него, се чини дека полицијата употребила несразмерна сила против демонстрантите, повредувајќи ги на тој начин принципите на правната држава. Тој побара од турската влада да го запре ваквиот начин на постапување на полицијата, да ги испита случувањата и да ги повика на одговорност надлежните за прекумерно употребената сила.

Фактот што дојде до протести и во повеќе турски градови, покажува на потребата да се води многу посилен општествен дијалог во земјата. Лошо е ако турското општество, како што се покажа минатите години, станува поделено. Владата има одговорност да ги премости фронтовите и да им пријде на опозиционите групи. Но, ни опозицијата не може бескомпромисно да оди со главата во ѕид, истакнува Поленц за Дојче веле, истакнувајќи - едно општество секогаш има потреба од одреден консензус, кој ќе има кохезиона сила, на што Турција мора засилено да работи. 

По уличните судири во Истанбул, и претседателката на Партијата на зелените во Германија, Клаудија Рот, побара од турската влада да го запре насилството против демонстрантите:

„Мора итно да запрат насилните ексцеси на истанбулската полиција против демонстрантите“, побара Рот преку весникот „Билд ам зонтаг“. Таа ја повика владата во Анкара „сериозно да ги сфати цивилното општество и неговите грижи, наместо да го напаѓа со водени топови и солзавец“.