Не по секоја цена!
2 април 2015Прво Западот бараше Иран да престане комплетно со облагородување ураниум. Освен тоа, земјата не смее да гради ниту ракети со кои може да се транспортира атомска бомба во оддалечени земји од Иран. Ваквите барања се одамна тргнати од масата за преговори. Петте постојани членки на Советот за безбедност на ОН и Германија сега во Лозана бараат Иран барем една година да не произведува атомска бомба и тоа да може да го докаже. Со тоа треба да се добие време за земјата, доколку го прекрши договорот, преку економски санкции или воени акции да се држи подалеку од градење атомска бомба. Но Иран е партнер за преговори кој има полно трикови. Тоа последно го покажа со изненадувачката промена во ставот околу транспортот на облагороден ураниум во Русија, за што всушност веќе имаше дадено согласност. Земјата пречесто го „мами“ Западот.
Но се чини како американскиот претседател Барак Обама да сака договор по речиси секоја цена. Одеднаш веќе не е безусловно неопходно Иран да го транспортира нуклеарниот материјал во Русија. И кај рокот на договорот очигледно САД се задоволни со 10 години, додека Французите инсистираат на 15. Сега уште и согласноста за продолжување на рокот кој Западот самиот си го постави - 31 март, се‘ со цел сепак да се постигне некаква политичка согласност, која важните спорни точки ќе ги остави за решавање во текот на преговорите околу конечниот договор.
Обама се бори за надворешнополитички успех
Претседателот Обама се грижи за она што во својот мандат ќе го остави како надворешнополитичко наследство. Не му останува многу време и можности, со оглед на досегашните неуспеси. Да се потсетиме: Обама не можеше да извлече политички капитал ниту од „Арапската пролет“ ниту пак Кинезите ја прифатија неговата испружена рака. Блискоисточната мировна мисија на неговиот министер за надворешни работи Кери заврши со катастрофа, а што произлезе од „ресетирањето“ на односите со рускиот претседател Путин и новиот почеток се гледа секојдневно во Украина.
Нуклеарен договор со Иран е последниот преостанат престижен проект кој може да се прикаже во тестаментот. На коцка се многу нешта. Иран вооружен со нуклеарно оружје би можел да ги разниша конструкциите на моќ меѓу досегашните нуклеарни сили, каде покрај Индија и Пакистан, припаѓа и Израел. На патот кон иранска атомска бомба Израел би можел да се почувствува ополномоштен да изврши превентивен воен удар. Иранскиот смртен непријател, Саудиска Арабија, би сторила се‘ за и самата да стане атомска сила.
Иран, како регионална сила, веќе сега се стави во опасна „пол-позиција“ и со тоа ја предизвика сунитската сила Саудиска Арабија. Сирија, Ирак и сега и Јемен, се сцените на кои Иран и Саудијците се борат за подобра позиција во регионот.
Договор со фасцинантна перспектива
Сигурно, договор би имал потенцијал да ја промени динамиката во целиот регион на Блискиот и Средниот Исток - кон подобро, но и кон полошо. Но во Белата куќа преовладуваат оптимистите. Се чини како да си претставуваат свет во кој нуклеарно заузданиот Иран би правел само добри работи - како под американско раководство да се бори против самопрогласената „Исламска држава“, како да го притиска сирискиот диктатор Асад на повлекување, да ги одвлекува Хамас и Хезболах од терористички напади врз Израел, да ги придвижи шиитските Хути во Јемен на признавање на претседателот и воопшто да прави се‘ за да не се дестабилизира регионот.
Би било пожелно тоа и да биде така. Можеби еден Иран прифатен од меѓународната заедница навистина би играл конструктивна улога во опасните регионални конфликти. Тоа е фасцинантна перспектива, која никого не може да го остави ладен. Но сега прво мора да се дојде до цврст договор, со строги инспекции и прецизни закани за санкции во случај Иран да биде фатен како мами.
Кој сака да се постигне такво нешто, не смее да буди впечаток дека посакува договор по секоја цена!