1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е на повидок крај за ерата на Меркел

Кај Александер Шолц/превод:бг10 декември 2014

Со речиси 97 проценти од гласовите, Ангела Меркел беше реизбрана за претседател на конзервативната ЦДУ. Нема знаци на замор од Меркел. Таа веќе планира за парламентарните избори во 2017 година

https://p.dw.com/p/1E1n3
Фотографија: Reuters/K. Pfaffenbach

„Вие не знаете колку голем лидер имате“, изјави претседателот на Европските народни партии Јозеф Дол на отворањето на 27. партиска конференција на ЦДУ во Келн. Но, се разбира присутните 1001 делегат тоа веќе го знаеја. Секој кој лично ја запознал Меркел знае колку е таа мирна и скромна. Секој кој забележал дека таа, во споредба со американскиот претседател Барак Обама, шета низ светот без помпезното обезбедување, би можел да заборави дека се работи за најмоќната жена на светот.

Можеби резултатот не беше рекорден, но имаше само 30 гласа против, со што таа повторно беше избрана за претседател на партијата. По 9 години како канцелар и 14 години на чело на ЦДУ, немаше ниту сомнеж во евентуален замор од Меркел меѓу делегатите.

Меркел удобно седи на врвот на ЦДУ и веќе се подготвува за изборите во 2017 година. Кој би бил погоден коалициски партнер? Изненадувачки, таа ги спомена Либералите- ФДП. Тие се нашиот природен партнер и не треба да бидат отпишани, рече Меркел.

Но, таа исто така искажа подготвеност и за соработка со Зелените. „По последните парламентарни избори, ние бевме подготвени да влеземе во таква коалиција. Но, некои од Зелените не беа, што не е добро“, рече таа.

Социјалдемократите, актуелниот коалициски партнер на ЦДУ во владата, не минаа така добро. Според Меркел, СПД прогласила банкрот кога се согласила на коалиција со партијата на поранешните источногермански комунисти во покраината Тирингија. „Уште колку помала сака СПД да стане?“, праша Меркел проследена со громогласен аплауз од присутните. „Тирингија треба да биде тест за таква коалиција на државно ниво“, предупреди таа.

Меркел се осврна и на иднината порачувајќи дека во ерата на дигитална трансформација, Германија не смее „ниту еден единствен ден да живее на стара слава“. Нејзината визија за иднината на Германија е социјална пазарна економија, рамнотежа на слободата и безбедноста, со респект за правата на поединецот.

Merkel beim CDU Parteitag in Köln 09.12.2014
Меркел на Конференцијата во КелнФотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler

Што понатаму?

До пред извесно време, некои извори тврдеа дека Меркел ќе се повлече за време на актуелниот мандат. Но, сега веќе се дискутира за тоа дали повторно ќе се кандидира во 2017 година. Доколку го стори тоа, ќе го собори рекордот на поранешниот германски канцелар Хелмут Кол кој беше на чело на владата полни 16 години.

Низ годините ЦДУ целосно се насочи кон Меркел. Континуирано високата доверба на анкетите кон Меркел ја ставија ЦДУ во лежерна позиција. Некои во земјата ги нарекуваат дури и младите „генерација Меркел“.

Но, во позадина многумина се прашуваат што потоа. ЦДУ нема да биде во состојба да го избегнува одговорот на тоа прашање уште долго, или ќе се соочи со проблем при нејзиното заминување.

Меркел делува толку моќно на европската сцена од едноставна причина што домашните задачи и се под конец, а тоа се покажа и на конференцијата во Келн.