1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НВО тврдат: Хрватска уште не е подготвена за во ЕУ

23 февруари 2011

Десетина невладини организации сметаат дека Хрватска уште не е подготвена за затворање на поглавјето 23 за основните човекови права, а со тоа ниту за завршување на преговорите за полноправно членство во ЕУ.

https://p.dw.com/p/10Li7
Фотографија: Alen Legovic

На поттик на Делегацијата на ЕК во Хрватска, десетина граѓански организации на 20 страници ја наведоа состојбата на полето на основните човекови и политички права, заштита на малцинствата и процесуирањето на воените злосторства, а дадоа и свои предлози за одредени измени. Транспарентноста во финасирањето на политичките партии за Драган Зелиќ од организацијата Гонг на пример е предуслов за фер избори:

„Борбата против корупцијата ќе биде приказна за мали деца ако не постои ефикасен надзор над финансирањето на изборните кампањи , тоа ќе можеме да го видиме веќе на следните избори“.

Невладините организации се уверени дека хрватската влада и Саборот до средината на 2011 година можат да ги спроведат нивните предлози, особено ако тие прашања се препознаат како политички приоритети.

Пораки за Брисел

Невладините организации своето заедничко мислење за (не)подготвеноста на Хрватска за затворање на преговорите во однос на правосудството и темелните човекови права го доставија до Делегацијата на Европската комисија во Хрватска, до членовите на Европскиот парламент и повеќе тела во ЕУ.

Parlamentsgebäude in Zagreb, Kroatien
Парламентот во ЗагребФотографија: picture-alliance/ dpa

Од хрватската влада и Националниот одбор за следење на преговорите со ЕУ невладините организации очекуваат на јавноста да и‘ поднесат извештај за спроведувањето на мерилата за затворање на преговорите во Поглавјето 23. Зашто, како што истакнуваат: „сметаат дека во некои клучни мерила недостасуваат докази за постоење искрена политичка волја за реформските иницијативи да резултираат со опипливо подобрување на секојдневниот живот на хрватските граѓани“. Организациите бараат и објавување на сите преговарачки ставови чиј „статус на тајност нема оправдување, посебно во финалната фаза на преговорите“. Невладините организации истакнуваат дека ќе останат истрајни во деталните известувања за специфичните прашања поврзани со реформата на правосудството, спречувањето и борбата против корупцијата, заштитата на човековите права и правата на националните малцинства и на повратниците, како и процесуирањето на воените злосторства, вклучувајќи ја и соработката со Меѓународниот суд за воени злосторства на подрачјето на бивша Југославија во Хаг.

Ако владата и Саборот не одговорат позитивно на барањето, десетината невладини организации ќе дадат негатива оценка за подготвеноста на Хрватска за полноправно членство во ЕУ.

Автор: Гордана Симоновиќ/Жана Ацеска

Редактор: Борис Георгиевски