Најскапиот проблем на Србија
Ѓубре во реките, електрани-најголеми загадувачи на Балканот. Третина од прописите кои Србија мора да ги донесе во процесот на пристапување кон ЕУ, се поврзани со екологија. Реформите ќе чинат десетина милијарди евра.
Купишта ѓубре покрај реките
Диви депонии долж реките, корита полни со различен отпад, гранки, недвоење на сметот и разни други проблеми предизвикани од човечка рака. Сето тоа е голем залак за Србија во процесот на пристапување кон ЕУ. Поглавјето 27, посветено на екологијата, ќе биде најтешко, не само поради потребните пари туку и поради потребата од промена на свеста во односот кон природата.
Отпадните води - најголем проблем
„Поглавјето 27 има 10 подобласти и на секоја треба да ѝ се посвети внимание“, вели за ДВ еколошката активистка Драгана Вукадиновиќ. Според неа, отпадните води се најголем проблем, додека во ЕУ тие се пречистуваат во 90 % пред да се испуштат во природа, во Србија се прочистуваат само 10 %. Тие води, некогаш хемиски неисправни, често се и топли, па страда цел растителен и животински свет во водите.
Законот допрва во подготовка
Решението е употреба на скапи филтри, посебно од страна на фабриките, што проблемот го прави моментно нерешлив, зашто законите за тоа не се ни донесени. А освен фабриките, големи штети на реките и езерата им предизвикуваат и поединци. Еден литар моторно масло или масло за јадење уништува 10.000 литри чиста вода.
Греење на дрва
Еден од поголемите еколошки проблеми на Србија е и сечењето на буките и дабовите дрвја за огрев. Многу домаќинства се греат токму на овој начин, зашто е поевтино, а тоа дополнително ја уништува животната средина.
Неконтролирана сеча на дрвја
Екологистката Драгана Вукадиновиќ вели дека во последно време во Србија се појавија фабрики за правење палети како енергенс за греење. Наизлед тоа е пофално, но поради тоа што не е лесно собирањето на ситниот дрвен отпад за правење палети, сопствениците почнале за таа цел да сечат и шуми.
„Внимавај - одрон!“
Сечата на „белите дробови на планетата“ е главен виновник за намалување на кислородот и зголемување на јаглеродниот диоксид и директно влијае врз климатските промени. Сечењето шуми директно доведува и до ерозии на тлото што во Србија е присутно речиси насекаде, тоа е и причина за одрони кои често загрозуваат и луѓе.
Дивите депонии - честа слика
Сепак, смета екологистката, „нема да има полесни и потешки работи во имплементацијата на поглавјето 27 - сѐ ќе биде тешко.“ Унапредувањето на јавното здравје е една од областите на поглавјето, а Србија тешко ќе го направи овој чекор ако и натаму дозволи создавање диви депонии, кои ги има и во урбаните средини и во природата.
„Ги имаме најголемите загадувачи на Балкан“
Вукадиновиќ истакнува: термоелектраните „Костолац“ и „Никола Тесла“ во Обреновац официјално се најголеми загадувачи на Балкан, користат лигнит од трет степен на квалитет со катастрофални последици по климатските промени и појава на „кисели дождови“.