Најголемите летни трансфери во Бундеслигата
Според пресметките на ФИФА, клубовите во Бундеслигата не трошат на трансфери толку многу како нивните ривали во Англија или Шпанија. Но поевтино не значи и низок квалитет. Новата сезона почнува на 22 август.
Трансферот од нула евра
Бундеслигата можеби на урива рекорди за трансфери, но играчите кои ги менуваат клубовите се од врвен квалитет. Роберт Левандовски, на пример. Неговата цена на трансфер-пазарот е околу 50 милиони евра. Но, Бајерн Минхен не плати ни еден цент за него откако му истече договорот со Борусија Дортмунд. Левандовски досега постигнал 74 гола на 131 натпревар во Бундеслигата.
Светскиот првак зад светскиот првак
Пепе Реина го освои Светското првенство со Шпанија во 2010. Тогаш беше резервен голман. Истата приказна ќе се повтори и во Бајерн Минхен каде ќе му го чува грбот на Мануел Нојер. Реина изјави дека сакал да дојде во Бајерн за да освојува титули, нешто што не му успеа во претходниот клуб Ливерпул. Неговиот трансфер во Минхен чинеше 3 милиони евра.
„Немобилниот“ Италијанец
Чиро Имобиле не звучи како многу динамично име. Но, по неговиот трансфер вреден 19 милиони евра од Торино, во Дортмунд се надеваат дека тој ќе ја покаже својата агилност пред голот. Неговата улога ќе биде да ја пополни големата празнина по заминувањето на Левандовски. Договорот со клубот го обврзува до 2019 година.
Заборавениот репрезентативец
Пред една година, Сидни Сем беше на пат да обезбеди учество во репрезентацијата на Светското првенство, откако одигра пет натпревари за националнио тим. Оттогаш почна неговата стагнација. 26-годишникот сега се надева дека по трансферот вреден 2,5 милиони евра од Леверкузен во Шалке, неговата кариера ќе доживее нов полет.
Тешки преговори
Хајан Чаланоглу не се прослави со неговиот трансфер од Хамбург во Леверкузен. Хамбург не сакаше да го пушти, па фудбалерот зеде четиринеделно боледување. На крајот, Хамбург попушти, но за добра сума од 15 милиони евра. Чаланоглу вели дека сега целта му е да стане првак со Леверкузен.
Мистер Скандал
„Секој заслужува втора шанса“, изјави тренерот на Волфсбург Дитер Хекинг за неговото ново засилување, Никлас Бенднер. 26-годишниот поранешен напаѓач на Арсенал е познат по големиот талент, и скандалите надвор од теренот. Минатата година Данецот беше уапсен поради возење во пијана состојба во Копенхаген и казнет со 120 илјади евра.
Замената за Тер Штеген
Марк Андре Тер Штеген беше прв голман во Менхенгладбах изминативе години. Летово замина во Барселона, а на клубот му беше неопходна замена. Новиот голман на Гладбах сезонава е Јан Зомер кој дојде од Базел. Трансферот на 25-годишникот чинеше 8 милиони евра.
Нов голман и во Хофенхајм
Бундеслигашот Хофенхајм баш и немаше среќа со изборот на голманите во последните години. Дното беше достигнато со трансферот на Тим Визе, кој го напушти клубот по две години, и сега гради нова кариера како бодибилдер. Следен е Оливер Бауман, купен за 6 милиони евра од Фрајбург. Како тој ќе мине, останува да видиме.
Фудбалер на годината...
... во 2008 година беше овој играч- Џон Хајтинга. Титулата ја доби во Холандија, во лига која тогаш беше преполна со ѕвезди. 30-годишникот веројатно го достигна зенитот, не беше дури ни меѓу патниците за Бразил, но нема сомнеж во неговото големо искуство. Минатата сезона играше за Фулам во Премиер лигата, а годинава ќе се обиде да и‘ помогне на берлинска Херта.
Враќање на авантуристот
По бундеслигашките настапи во Бремен и Дортмунд, Нелсон Валдез си ја проба среќата во Шпанија, Русија, Абу Даби и Грција. Овој 30-годишен напаѓач сега потпиша за Ајнтрахт Франкфурт. Парагваецот се надева дека ќе поседи во Франкфурт. Вели дека сопругата му рекла оти повеќе не сака повторно да се сели. „Сакаме тука да останеме барем две години“.
Хамбург го задржа клучниот играч
Пјер-Мишел Лазога успеа да го одржи Хамбург во Бундеслигата со своите 13 важни голови. Иронијата е во тоа што тој всушност беше на позајмица од Херта Берлин. По завршувањето на сезоната, Лазога сакаше да остане во Хамбург и клубот му ја исполни желбата. Неговиот трансфер од Берлин во Хамбург чинеше 8,5 милиони евра.