1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нацистички слоган на израелската државна прослава

Дана Регев/бг19 мај 2016

Израелските власти не можат да го објаснат неочекуваниот пресврт на годинешната прослава на Денот на независноста. Израел ја прослави 68-годишнината со огномети, говори и многу контроверзен настап.

https://p.dw.com/p/1IozJ
Фотографија: Reuters/A. Cohen

Социјалните медиуми во Израел сѐ уште „грмат“ по гафот кој се случи на Денот на независноста. За многу Израелци случајот беше поголем потсетник за познатиот нацистички слоган отколку за нивната граѓанска гордост. Само еден ден откако премиерот Бенјамин Нетанјаху ја отфрли изјавата на заменикот-началник на израелските воени сили, кој го спореди растечкиот национализам во земјата со оној во нацистичка Германија, вознемирувачки слоган се појави во преносот од церемонијата на Денот на независноста.

Годинешната тема „Граѓански хероизам“ беше прославена со огномет и говори за достигнувањата на Израелците кои дале голем придонес кон општеството. Додека маршираа во Ерусалим, војниците формираа различни симболи и идиоми, но еден од нив беше и реченицата „Еден народ, една држава“.

Критичарите беа бесни на изборот на фразата. „Дали само јас ја гледам ужасната сличност со озлогласениот нацистички слоган?“ праша еден твитерџија, алудирајќи на зборовите на германскиот канцелар Адолф Хитлер: „Еден народ, една империја, еден Фирер“.

Israel Gedenken an den Holocaust Schweigeminute
Во текот на маршот војниците формираа различни слоганиФотографија: Reuters/A. Cohen

Министерот за спорт и култура Мири Регев, кој ја организираше церемонијата, соопшти дека фразата „еден народ, една нација, е во суштина израз на аспирацијата на Ционистичкото движење уште од својот настанок: за формирање на еврејска држава“.

Но, како што беше посочено од многумина на социјалните мрежи, настрана сличностите со нацистите, Регев го игногира и фактот дека 20 проценти од израелското население се Палестинци - и тоа без исклучените жители на Западниот брег и Појасот Газа.

„Веќе го научивме терминот 'Еврејска и демократска држава' или „национална држава на еврејскиот народ', но што воопшто значи 'една нација, една држава'?“ напиша познатиот критичар Рогел Алфер во колумна за весникот Хаарец. „Која е таа нација на која се однесува слоганот?“

„Државната церемонија вклучи и недвосмислена политичка изјава: нема две држави за два народа. И секако нема ни бинационална држава“, напиша Алфер.

Israel Jerusalem Tag der Unabhängigkeit
Фотографија: Reuters/B. Ratner

Некои корисници на Твитер со фотошоп на пораката го додаваа и оригиналното „еден Фирер“ во фотографијата, со што сакаа да укажат на „лизгавиот терен“ по кој се движи Израел. Други пак предупредуваа дека се прави премногу непотребна драма. „'Еден народ, една држава' не е уникатно за нацистите или за Израел. Нели и други нации го имаат истиот слоган?“, се прашува еден корисник.

Многу Израелци се прашуваат дали организаторите на парадата за Денот на независноста едноставно не ја воочиле сличноста, дали се работи за намерна провокација или пак растот на национализмот во иднина ќе доведе и до пострашен развој.

„Не постои опасност дека Израел некогаш ќе наликува на нацистичка Германија“, смета колумнистот на Хаарец, Ашер Шехтер. „Но земјата минува низ нешто многу загрижувачко. Не верувате? Само погледнете ја фотографијата. Сега имаме и фотографски доказ“.