1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Национални телевизии против операторите

БГ
27 февруари 2020

Откако Собранието на неколку минути пред распуштањето донесе измени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кабелските оператори влегоа во клинч со националните телевизии.

https://p.dw.com/p/3YUWP
Deutschland Freizeit Fernsehen Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претставници на петте домашни национални телевизии Алсат, Алфа, Канал 5, Сител и Телма во средата на прес-конференција побараа да се почитува Законот за медиумски услуги (АВМУ) и ги обвинија кабелските оператори за пиратерија.

Националните телевизии здружени во Македонска медиумска асоцијација велат дека проблемот е во непочитувањето на авторските права од страна на операторите кои ги пренесуваат домашните, но и голем број странски телевизии.

Претседателот на медиумската асоцијација и директор на Телма, Атанас Кировски како пример го посочи македонски Телеком кој, според него, бесправно емитувал ракометен натпревар за кој правата ги имала неговата телевизија.

„Нас ни се случи еден од најинтересните натпревари, полуфиналето меѓу Хрватска и Норвешка, да биде емитуван преку телевизијата РТЛ која ја пренесува Телеком, Дојче Телеком. Значи, германска телевизија преку германски оператор да емитува тотално бесправно и пиратски. Дали тоа им се случува во Германија?“, рече Кировски. Според него, пиратеријата од страна на кабелските оператори во земјава се случува секојдневно со години наназад.

Националните телевизии бараат оставка и од директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни услуги Зоран Трајчевски оценувајќи дека манипулирал со целата ситуација.

Информативен мрак?

Законот за АВМУ е донесен уште во 2018 година, но пред самото распуштање на парламентот на 16 февруари, без расправа беа изгласани измени во неколку членови на законот.

Против измените веднаш се дигнаа операторите чии претставници сметаат дека на тој начин владата и владејачките партии им ги исполнуваат желбите на националните телевизии на нивна сметка. Операторите, обединети во Здружение за информатичко-комуникациски технологии (ИКТ), се заканија дека ќе ги исклучат од програмата сите канали, и домашни и странски, освен МТВ.

Токму ваквата закана од ИКТ беше жестоко критикувана од страна на националните телевизии чии претставници сметаат дека тоа е вовед во информативен мрак и тоа во предизборен период.

Од друга страна, извори во ИКТ со кои разговараше ДВ, велат дека проблемот не се авторските права- како што велат од националните телевизии- туку парите. Имено, националните телевизии од кабелските оператори, наводно веќе подолго време барале да добијат дел од претплатничкиот колач. Операторите одбиваат да им плаќаат на националните телевизии затоа што ги пренесуваат, и велат дека немаат таква обврска ниту според законот.

Кабелските оператори во моментов имаат околу 420 илјади претплатници и контролираат речиси 90 проценти од пазарот во земјата. Најголемите меѓу нив се во рацете на странски компании како германскиот Дојче Телеком и австрискиот А1.

Се чека Уставниот суд

Во ИКТ велат дека во нивните ставови добиле поддршка и од Европската комисија каде се обратиле за мислење. Спорно било инсистирањето на националните телевизии и на законодавецот, операторите да обезбедат потврда од сите телевизии кои ги пренесуваат преку своите програми во Северна Македонија дека имаат право на тоа. Европската комисија потврдила дека таквото барање не е во согласност со праксата на ЕУ.

Ни во АВМУ не се среќни со новото законско решение. Извори во агенцијата за ДВ велат дека од нив се бара да преземат улога за која не се надлежни. Сепак, за в петок е закажана седница на Советот на агенцијата, по која ќе биде отворена јавна расправа за подзаконските акти кои произлегуваат од законот.

Додека над 90 проценти од телевизиските гледачи во земјава виси заканата дека ќе останат без своите омилени канали, од ИКТ се надеваат дека јазолот може да го пресече Уставниот суд- до каде поднеле барање за донесување на времена мерка со која ќе се одложи примената на законот.