Наумовски именуван за специјален пратеник во разговорите за името
23 јули 2014Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, донесе одлука со која Васко Наумовски, идниот амбасадор на Република Македонија во САД, го поставува на должноста специјален пратеник на претседателот во разговорите кои под покровителство на Обединетите нации се водат за разликата околу името.
Досегашната функција специјален пратеник на претседателот во разговорите за името ја извршуваше Зоран Јолевски, досегашен македонски амбасадор во Вашингтон, кој во новата влада го предводи Министерството за одбрана.
Претседателот Иванов денеска имаше средба со Зоран Јолевски и Васко Наумовски, досегашниот и идниот специјален пратеник на шефот на државата во разговорите за разликите околу името со Грција кои се водат под покровителство на ОН.
На средбата, соопшти Кабинетот на Иванов, Наумовски беше запознаен со досегашните активности во рамки на процесот што се води под покровителство на ОН. Претседателот Иванов на Наумовски му посака успешно вршење на должноста, а на Јолевски му се заблагодари за севкупниот досегашен ангажман и за сите остварени активности како пратеник во разговорите за разликата околу името.
Триесетичетири годишниот Наумовски е поранешен вицепремиер за евроинтеграции 2009/2012, од 2005 година работи на Факултетот за меѓународни односи, политика и европски студии на Њујорк колеџ - Скопје.