Натпревар во популизам и побожност
2 август 2014Предизборната кампања на претседателските избори во Турција ги поместува досега видените граници на популизмот. Деновиве за сензационализам се погрижи потпретседателот на владата Булент Аринч. Тој најпрво се пожали на пад на моралот во Турција и како лек ги советуваше исламските вредности - во кои, меѓу останатото, спаѓа и тоа жените во јавноста да се однесуваат умерено и да не се смеат премногу гласно. Владините противници потоа организираа јавна демонстрација на смеење. Но, тоа не го запре Аринч: тој продолжи со моралните лекции за тоа дека турските жени сѐ почесто живеат сами, дека се без контрола, дека одат не летување и играат на шипки. На овој начин, Аринч ја дефинираше владината верзија на 21. век, критикуваше опозицискиот политичар Умут Оран.
Побожни гласачи
Како голем фаворит на изборите, премиерот Реџеп Таип Ердоган уште на почетокот на јули, на официјалниот почеток на претседателската кампања покажа во кој правец оди: својот прв говор како кандидат на владејачката АКП го почна со повик кон Бога и го заврши со цитат од Коранот. Ердоган и АКП повеќе од една деценија се потпираат на верноста на конзервативните и религиозни Турци. Во текот на претседателската кампања, Ердоган ги истакнуваше исламските теми повеќе од вообичаено, а причините за тоа ги анализира истражувачот на јавното мислење Мурат Гезици: „Повеќе од две третини од турските избирачи себеси се опишуваат како побожни муслимани“.
Ердоган му се обраќа на уште важен сегмент на гласачкото тело со акцент на исламската побожност - на жените. Според Гезици, жените во Турција во просек се порелигиозни од мажите. „Дури 64 проценти до гласачите на АКП се жени. Според овој критериум, Ердоган е идеален кандидат“.
Опозицијата ја прифати играта
Трендот го препознаа и двете главни опозициски партии, секуларната Републиканска народна партија и Партијата на националното движење. Нивниот заеднички кандидат и предизвикувач на премиерот Ердоган, е Екмеледин Ихсаноглу, поранешен генерален секретар на Светската исламска организација. „Тоа не му дава многу простор на Ердоган, како другите претставници на опозицијата, да го нападне како безбожен секуларист“, вели Гезици.
Но, исламскиот пулс на Ихсаноглу е минус кај секуларните гласачи. „Ихсаноглу е лесна категорија“, вели политологот Сахин Алпај. „Тој дури би можел и да спречи некои секуларни гласачи да излезат на гласачките места и би можел дополнително да го охрабри Ердоган“. Судејќи според анкетите, Ердоган има повеќе од 50 отсто поддршка, а Ихсаноглу околу 40 проценти.