НАТО сака да воведе правила за војна преку интернет
7 јули 2014Со години во НАТО не постоеја законски рамки кои треба да ги формулираат правилата за војна на интернет. Пред следниот самит во септември во Велс, 28-те земји членки на сојузот ги приближуваат ставовите. Тие имат намера официјално правилата на меѓународното воено право да се применуваат и во сајбер-војна. Тоа би имало далекусежни последици по прашањата - кога и како би се водела војна во дигиталното доба.
„Сојузниците сакаат да постигнат меѓународното право да важи и за сајбер-просторот“, рече Кристијан Лифлендер од одделот за сајбер-одбрана (Cyber Defence Section) во главното седиште на НАТО на маргините на годинашниот Глобален медиумски форум на Дојче веле. „НАТО не може да донесува закони, но земјите членки може да се произнесат за примена на меѓународните закони“, вели Лифлендер и категорично укажува на меѓународното воено право.
Одамна неопходен чекор
Меѓународното воено право го регулира правото кога и како може да дојде до војна и кои закони важат и во војна. Кон ова припаѓа и т.н. хуманитарно меѓународно право. Со него, на пример, се регулира кој е учесник во војна, а кој не и каков треба да биде односот кон воените затвореници и културните добра. Државите смеат да преземаат акции само против другите учесници во војната и воени цели. Напади врз цивили и нивниот имот, како на пример куќи, болници и училишта, се забранети.
Доколку меѓународното воено право биде обврзувачко за војна на интернет, тогаш на земјите членки би им понудило поголема безбедност при спроведувањето на онлајн-нападите, вели Михаел Шмит, директор на Центарот за меѓународно право на американскиот морнарички колеџ (Stockton Center for the Study of International Law / US Naval War College).
„Тоа е важен и одамна неопходен чекор“, смета Шмит. „Замислата да се влегува во војна без да се знае кои закони важат, е многу збунувачки, особено при една сајбер-војна во време во кое сајбер-нападите добиваат централна улога во вооружените конфликти“.
Директна и индиректна опасност за цивилите
Иако сѐ почесто воените операции се водат дигитално, значи во сајбер-просторот, многу влади сѐ уште не размислувале за тоа кои правила важат. Иако еден сајбер-напад не уништува физички како бомбашки напад, тој сепак може да има катастрофални последици за цивилите и нивната сопственост.
Според Лорен Гисел, правен советник во Меѓународниот комитет на Црвениот крст, многу експерти предупредуваат од сценарија како сајбер-операции можат да го загрозат животот и здравјето на илјадници цивили. Преку онлајн-напад можат да се отворат заштитните насипи и да се предизвикаат поплави или да се оштетат хемиски фабрики или атомски централи, што може да предизвика катастрофи по животната средина или загадувања.
Дури и целен напад, кој би можел да ги попречи воените способности на противникот, би можел да предизвика т.н. колатерални штети со цивилни жртви. Доколку една страна која е во војна, на пример, се обиде да го исклучи радарскиот систем на противникот, би било загрозено и цивилното воздухопловство - тоа би можело да доведе до уривање на авиони. „За среќа досега немаше напади во сајбер- просторот со физички уништувања“, вели Гидел. „Сепак, ние сме загрижени дека би можело да дојде до тоа“.
Право на самоодбрана?
Според членот 36 од дополнителниот протокол на Женевската конвенција, државите се обврзани меѓународното воено право да го применуваат и при нови воени алатки и нови можности за водење војна. Како тоа конкретно да се примени минатата година испитуваше научна група од 20 експерти со поддршка на НАТО и ги објави резулататит во т.н. „Талински-прирачник“.
Во него експертите заклучуваат дека меѓународното воено право мора да важи и во дигиталниот свет. Освен тоа, тие дојдоа до заклучок дека нема голема разлика дали меѓународното воено право ќе биде применето на војни со топови или војни со компјутери. Сајбер-нападите, кои носат цивилни жртви би морале да бидат исто така забранети како и воздушните напади врз болници или училишта.
Прашањата - кога еден онлајн напад ја повредува забраната на ОН за примена на насилството и кога една нападната држава од своја страна смее да примени насилство за да одговори на дигиталните напади, се чинат дека се многу покомплицирани, вели експертот Михаел Шмит.
Постои согласност дека на еден сајбер-напад, кој покрај дигитални нанесува и реални штети, смее да одговори оној кој е нападнат. Тој, во рамките на правилата за самоодбрана од повелбата на ОН, исто така смее да примени насилство, преку сопствен онлајн-напад или, на пример, преку воздушен напад. Спорно беше дали правото на самоодбрана би требало да важи и ако нападот предизвика „само“ дигитални, но не и физички штети. Михаел Шмит и во овој случај би се залагал за тоа да важи правото на самообрана, оти според него пресудно е колку е голема некоја операција, „а не дали може да предизвика физичка болка и штета“.