Натамошни апсења на Западниот Брег
18 јуни 2014На речиси една недела по исчезнувањето на тројца млади Израелци, израелските војници уапсија синоќа на Западниот Брег 65 Палестинци, ослободени од затворите во 2011. година во замена за ослободувањето на израелскиот војник Гилад Шалит, кој беше киднапиран од палестински групи.
Според палестинските медиуми, синоќа се уапсени и двајца пратеници од Парламентот на автономната власт. Гилад Шалит беше киднапиран во 2006. година, а за да биде ослободен Израел ослободи над илјада палестински радикали.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 15 јуни го обвини палестинското движење Хамас, дека како заложници ги зело и тројцата израелски тинејџери од еврејското верско училиште на Западниот Брег, кои исчезнаа на 12 јуни, откако автостопирале покрај Хеброн.
За време на операцијата за пронаоѓање на тинејџерите израелските војници веќе уапсија повеќе од 250 Палестинци. Околу 80 проценти од нив се активисти на Хамас. Проширена е и територијата на која се врши пребарување: израелските војници „прочешлуваат“ цели села и гратчиња. Организациите за заштита на човековите права, како и автономната управа во Рамала ја критикуваат акцијата на израелската влада како несразмерна:
„Целото население стана заложник на окупаторите“, соопшти палестинското министерство за информации.
Грабнувањето на тројцата израелски ученици наиде на протести и во меѓународни рамки.
„Вакви дела можат да ги уништат меѓународните напори за повторно заживување на мировните преговори“, изјави претставникот на ЕУ за надворешна политика, Кетрин Ештон. Инцидентот на Западниот Брег има и други последици: донаторската конференција за палестинските области која требаше да се одржи во Норвешка на 25 јуни, е одложена на неодредено време. Сегашната ситуација не е соодветна за средбата, соопшти норвешкото министерство за надворешни работи во Осло.