Наскоро лек против стареењето?
1 декември 2010Академик Скулачов, кој е декан на факултетот за биоинженеринг и биоинформатика на московскиот државен универзитет „Ломоносов”, заедно со своите колеги, во рамки на универзитетот ја основа компанијата „Митотекс“, која ќе го усовршува препаратот на база на откриениот митохондриски антиоксиданс SKQ1.
Оваа материја има способност на собирање во енергетските центри на клетките - митохондриите и ги неутрализира активните облици на соединенијата на кислородот, кои ги уништуваат ткивата и се сметаат одговорни за многу старечки промени во човековиот организам. Другите познати антиоксиданти не можат да се собираат во митохондриите, поради што за постигнувањето ефект се потребни големи дози, што е поврзано со негативни ефекти.
Многубројните експерименти на лабораториските животни покажале дека SKQ1 го продолжува животот, ефикасен е во превентивата и лекувањето на старечките болести, како што се некои кардио-васкуларни заболувања, остеопорозата и ревматски артритис, но и на одредени видови карцином.
Лекот е во фаза на тестирање
Компанијата “Митотекс”, претходно, го објави почетокот на втората фаза на клиничките тестови на првиот лек на база на „јоните Скулачов” - капки против глауком во очите, кој во руските аптеки ќе се појави за една година. Скулачов, меѓутоа, напоменал дека за усовршување на наредните препарати ќе биде потребно повеќе време.
„Еден од проблемите е добивањето стабилна материја, која може да се користи како лек. Фармаколозите бараат лекот да биде стабилен една година, што претставува проблем, поради активноста на материјата. Практично, овој проблем веќе го решивме и сметам дека наскоро ќе го патентираме нашиот производ”, прецизира Скулачов.
Испитувања за несаканите ефекти
Тој додаде дека клиничките тестирања на новиот лек со систематско делување ќе бидат значително подолготрајни отколку во случајот со очните капки. Испитувањата покажале дека доколку материјата се внесува во очите, таа таму и останува, не ширејќи се понатаму во организмот. Во случајот со таблетите, препаратот ќе се шири и потребни се истражувања на неговите несакани ефекти.
„Ќе водиме статистика на долгорочните ефекти и доколку не се појават несакани ефекти, сметам дека за неколку години овој препарат ќе се продава како лек против хронични старечки болести и воопшто против староста”, самоуверен е Скулачов.
Овој академик наводно успеал да утврди дека препаратите на база на неговите оксиданти го спречуваат развојот на синдромот на „ненадејна смрт”, што може да се појави во процесот на оздравување. Друга цел на лекот е да ги спречи хроничните старечки биолести, како што се некои лимфоми. Во експериментите на животни, должината на животот со овој вид канцер е зголемена за една третина.
Во експериментите на животни се дошло до низа заклучоци за влијанието на „јоните на Скулачов”, на 27 знаци на старост, од безначајни, од типот на побелена коса и ќелавост, до многу поопасни, на пример стареењето на васкуларниот систем.
Автор: СБ/ТТ/Риановости/Танјуг/дв
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска