Насилство во училиштата во БиХ
16 ноември 2013Околу 24 проценти од младите во БиХ учествувале во тепачки со ножеви, покажуваат резултатите од истражувањето на невладината организација „Перпетум мобиле“. Психологот Срѓан Душаниќ, кој работел на истражувањето, вели дека во последните десет години пораснал и бројот на девојки кои се насилни и дека инцидентот во Тузла не го изненадил.
„Насилството меѓу врсниците не е никаква новина. Она што мене секогаш ме шокира е бруталноста на тинејџерите која ја гледаме на тие снимки, секојпат кога ќе се појават во јавност“, вели Душаниќ. Не е изненаден ниту Вања Јошиќ, средношколец од Бања Лука, кој честопати гледал сцени на насилство во училиштето.
„Не е убаво да се каже, но сум бил сведок и сум гледал како ученици тепаат и малтретираат други ученици“.
Здравствениот систем во Босна и Херцеговина се занимава само со гаснење на пожари и со болести од физичка природа. Менталното здравје на населението е целосно запоставено, вели професорката на Филозофскиот факултет во Бања Лука Ивана Зечевиќ.
„Покрај тоа, наставниците и професорите кои би требале да го препознаат неадекватното однесување, не се компетентни, немаат вештини. Се занимаваат само со образование, но не и воспитување. Никој не ги учел за тоа. Не е доволно да се имаат добри намери и интуиција кога работите со млади од таа возраст. Можеме да бидеме благодарни што нашите ученици не се појавуваат и почесто со вакви испади на интернет“, вели Зечевиќ.
Не беше во мојот двор!
Несиб Хасановиќ, директор на средното училиште во Тузла во кое се случи последното насилство, за ДВ вели дека спомената снимка фрлила голема дамка врз училиштето и дека медиумите околу целиот случај дигнале преголема врева.
„Насилството не се случи во училиштето, туку надвор од него. Мене постојано ми се јавуваат новинари. Тоа е вистински линч“, се жали Хасановиќ.
Ивана Зечевиќ смета дека просветните работници не можат да бидат ослободени од одговорност само затоа што конкретното насилство се случило надвор од училишниот двор. Потфрлиле сите, вели таа.
Најдобар лек против насилството е превенцијата и континуираната работа на експертите со младите. Меѓутоа, за програмите за превенција никогаш нема пари. „Во сите наши истражувања дојдовме до податоци дека оние кои вршат насилство имаат ниска самодоверба, фрустрирани се и воглавно преживувале непријатни нешта. Кога со тие тинејџери повеќе би се работело, тие не би станувале насилници“, вели Срѓан Душаниќ.
Молк за насилството
Изненадува и тоа колку жртвите, но и набљудувачите на насилството молчат и не го пријавуваат малтретирањето. Училишниот психолог, Ирена Спасојевиќ смета дека граѓаните на БиХ цврсто веруваат во старата поговорка „молчи и трпи“.
„Културолошки сме насочени кон мазохизам - доколку молчиме и трпиме мислиме дека сме поквалитетни луѓе“, вели таа.
Одговорност носи и државата, т.е. системот кој не постои и не ги штити граѓаните. Дополнителен фактор се и родителите, амбиентот во кој се расте и во кој насилството и траумите се составен дел од животот.
„Најчест облик на родителска казна е насилството кон детето, ќотек, навреди, игнорирање... Децата во БиХ растат во насилно милје. Да не говорам за тоа како од колено на колено ги пренесуваме траумите од многу поголеми насилни облици на однесување како што се војните“, вели Зечевиќ.
Според неа, проблемот треба да се решава од главата. Таа верува дека грижата за менталното здравје на поединецот само по себе не ветува добри резултати, без стабилен државен систем кој диктира систем на вредности.