Нарушено примирјето во Газа, прекинати преговорите
19 август 2014Палестински милитанти испукале три ракети на израелска територија, нарушувајќи го на тој начин привременото примирје, кое беше договорено на индиректните преговори меѓу двете страни. Израелската армија експресно возвратила на нападите со ракети врз Појасот Газа.
Израелската армија соопшти дека ракетите паднале на поле во близина на градот Бершеба. Иако никој не е повреден, ракетниот напад го нарушува речиси еднонеделното примирје, кое беше договорено под покровителство на Египет.
Никој не ја презеде одговорноста за нападот, но кусо пред тоа, портпаролот на Хамас Фавзи Бархум сигнализираше таква можност: „Доколку Нетанјаху не го разбира јазикот на политиката во Каиро, знаеме како да го убедиме да разбере“.
Официјални израелски претставници потврдија дека Нетанјаху во меѓувреме наредил армијата да одговори на нападот.
„Ракетниот напад врз Бершеба е тешко и директно прекршување на примирјето“, изјави владиниот портпарол во Тел Авив. Неизвесно е каков ќе биде ефектот врз преговорите кои течат во Каиро. Утрово, Палестинските и Израелските преговарачи продолжија со индиректните разговори, откако договорија ново, 24-часовно продолжение на примирјето. Претставникот на Фатах во разговорите, Азам ал Ахмад соопшти дека досега не е постигнато никакво придвижување за ниту една точка од преговорите.
Палестинците бараат крај на египетската и израелската блокада на Појасот Газа. Израел бара Хамас да се разоружа.