1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напади на грчки терористи во Берлин

П. Купаранис/Б. Георгиевски4 јули 2014

Беше тоа веќе третиот автомобил на грчката дипломатска мисија во Берлин кој е запален. Овојпат се работеше за службеното возило на конзулот. Зад нападот стои организација која се нарекува „Заговор на огнените ќелии“.

https://p.dw.com/p/1CVXZ
Фотографија: picture-alliance/Eibner-Pressefoto

Автомобил во пламен пред стан на грчки дипломат. Анархистите кои на почетокот на неделата во Берлин го запалија ова возило себеси се нарекуваат Заговорници на огнените ќелии. Зад името, кое повеќе наликува на наслов на лош футуристички филм, се кријат истите луѓе од познатата терористичка група 17. Ноември која е официјално распуштена, а Огнените ќелии беа основани во 2008 година. Во матичната Грција исто така можат да се „пофалат“ со бројни бомбашки напади и подметнати пожари чија цел воглавно се политичарите. Светското внимание го привлекоа во 2010. година кога им испратија писма со експлозив на канцеларката Ангела Меркел и на поранешниот француски претседател Никола Саркози.

Против системот

Во писмото на германски јазик, кое од средата кружи низ интернет, Огнената ќелија како причина за нападите во Берлин го наведуваат апсењето на нивните истомисленици. Грчките партии и парламентот наводно им се одмаздуваат на демонстрантите кои учествуваа во уличните немири во 2008 и сега неосновано ги држат во затвори, тврдат анархистите. „Огнените ќелии не сакаат веќе тоа да го следат со скрстени раце“, се наведува натаму. Со други зборови, на мета се сите претставници на омразениот демократски систем, каде и да е во светот.

Logo Verschwörung der Feuerzellen
Логото на Огнените келии

Групата се солидаризира со затворениците кои во грчките затвори започнаа штрајк со глад, но потсетува и на смртта на Илијас Карели, албански криминалец од тежок калибар. Карели пред три месеци усмрти еден затворски чувар, а неколку дена подоцна и самиот беше убиен- се претпоставува дека му подлегнал на одмаздничкото мачење од страна на колега на убиениот чувар. Грчките тајни служби со години ги следат контактите кои во затворите ги воспоставуваат политички мотивираните престапници и криминалците. Се смета дека таму се подготвуваат заеднички акции од кои дел немаат ништо заедничко со идеологија- на пример грабежи на банки.

Трет напад врз грчки дипломати

Претставник на берлинската полиција вели дека германските органи многу сериозно го разгледуваат писмото на терористите. Но, се додава дека случајот е веднаш префрлен во посебно одделение кое се занимава со политички мотивирани напади. Познато е кој стои и зад двата претходни напади, но јавно беше соопштено единствено дека не се работи за Огнените ќелии. Во октомври 2012 беше запалено возило на грчкото воено аташе во Германија, а потоа во април годинава и возилото на претставничката на стопанското одделение на грчката дипломатска мисија. И тогаш возилата беа палени пред приватните станови на дипломатите, што само по себе е јасна порака.