1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Напад со моторцикл -бомба во Авганистан

ЖА/дв/макфакс1 октомври 2012

Атентатор самоубиец во Авганистан со себе во смрт однесе повеќе војници на НАТО. Тој го насочил својот моторцикл-бомба во една патрола.

https://p.dw.com/p/16ICn
Фотографија: dapd

Најмалку 15 лица се загинати, од кои тројца војници на НАТО, а 53 лица, претежно цивили, се ранети во самоубиствениот напад во Кост, административниот центар на истоимената покраина во источен Авганистан.

Како што пренесува авганистанската новинска агенција Pajhwok, одговорноста за нападот врз колоната од авганистански и американски воени возила ја преземаа талибанските бунтовници.

Портпаролот на талибаните во Авганистан, Забиулах Муџахид за агенцијата го идентификувал бомбашот самоубиец како Шоаиб Кундузи, припадник на  ова бунтовничко движење коешто беше соборено од власта со интервенцијата на меѓународната коалиција во 2001. година.

Муџахид додал дека по експлозијата војниците на НАТО во пукотниците убиле двајца цивили и раниле неколкумина други. Но за ова тврдење нема потврда од независен извор. Канцеларијата на гувернерот на покраината Кост објави дека покрај тројцата војници на НАТО, загинале и дванаесет Авганистанци, од кои шест се цивили и шестмина полицајци, меѓу кои и командантот на локалата единица за брзи интервенции, полковникот Мубарак Шах.  Во нападот загинал и авганистанскиот преведувач.

Според вообичаената практика не е објавено од која националност се загинатите странски војници припадници на мисијата ИСАФ, меѓутоа најголемиот број од меѓународните сили на НАТО во оваа провинција се американски војници. И покрај 11-годишнто присуство меѓународната коалиција сe‘ уште не може целосно да ги порази бунтовничките герилски групи, коишто последната година се особено активни во јужниот и источниот дел од Авганистан.