Напад врз синагога во Ерусалим - политичари говорат за војна
18 ноември 2014Двајцата атентатори беа на почеток на 20-тите години, братучеди, Палестинци од наслебата Јубал Мукабер во Источен Ерусалим. Еден нож, една секира и еден револвер, тоа беше оружјето со кое двајцата млади мажи кратко по седум часот утрово предизвикаа крвопролевање во синагогата на Хар Ноф, строго религиозна еврејска населба на западот на Ерусалим. На телевизијата се покажуваа локви крв на земја. Атентаторите се мртви, застрелани во престрелка со полицијата. Премиерот Бенјамин Нетанјаху вели дека Израел ќе преземе строги мерки. За мотивот на атентаторите не прашува никој.
Министерот за стопанство Бенет се интетресира само за одговорноста, и истата ја гледа кај претседателот на Палестинците Махмуд Абас, кого го нарекува терорист. „Додека бевме зафатени со илузијата за блискоисточна дипломатија, Палестинците не поплавија со потбуцнување и терор. Само бетонски бариери не го запираат теророт - напротив. Абас му прогласи војна на Израел и ние мораме да реагираме соодветно на тоа“.
За војна преку израелското радио зборуваше и поранешниот шеф на полицијата во Ерусалим, Ари Амит. „Секој граѓанин кој поседува оружје, треба да го закачи за појасот и да ја носи дозволата за поседување оружје во паричникот. Тоа сега мора да се направи, без страв од судови или нешто друго. Ние сме во војна, значи да се однесуваме како во војна. Имајте ги вашите пиштоли насекаде и помогнете и на полицијата!“
Ерусалим во меѓувреме речиси секој ден доживува напади, напади со ножеви, насилство врз полицијата. Ноќта претходно шофер на автобус, Палестинец беше пронајден обесен во неговото возило. Судската медицина утврди дека се самоубил, но семејството на Палестинецот е убедено дека бил линчуван до смрт од радикални Евреи. Организацијата Хамас соопшти дека нападот врз синагогата бил одмазда и повика на натамошни терористички напади.
Додека сѐ уште се вршеше увид на местото на нападот во синагогата, полицијата и внатрешните тајни служби влегоа во домовите на атантаторите и ги уапсија нивните родители.
Во населбата Јабал Мукабер и други населби во арапскиот Источен Ерусалим веќе имаше нереди.
Актуелниот шеф на полицијата Јоханан Данино јасно стави до знаење колку е големо стравувањето, дека насилството не би можело повеќе да се сопре. „Го разбирам гневот, ја разбирам фрустрацијата, ја разбирам болката - но јасно барам: Дозволете да си ја вршиме работата. Не се обидувајте да го земете законот во свои раце. Ќе преземеме сѐ што е неопходно против оние, кои планираат некакви напади. Сега сите мораме да се смириме.“
Ваков апел испрати и претседателот на Палестинците Абас, Американците го притиснале да го осуди нападот. Абас го стори тоа, насилството против цивили било погрешно, рече тој. На телевизијата Ал Џазира политикологот Мохеинар Абу Сада од Газа рече дека се прават напори да се смири состојбата. „Но мене ми се чини, додека Израел продолжува со својата агресија против Палестинците - напади врз Ал Акса џамијата, сѐ додека се уништуваат куќи и се градат населби, сѐ дотогаш ситуацијата неа да се смири“.
Во понеделникот изралеската влада најави дека ја враќа праксата за уништување куќи: Домовите на осудени или убиени атентатори треба да бидат срушени или заѕидани. Намалување на затегнатоста во ваква клима е тешко возможно.