1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Намерна неактивност

Марсел Фирстенау/превод:бг28 април 2015

Последниот шпионски скандал во кој е вмешана БНД е симптоматичен за непочитувањето на парламентот од страна на владата. Време е за измена на начинот на кој се следи работата на тајните служби, смета Марсел Фирстенау.

https://p.dw.com/p/1FFxj
Фотографија: imago

Канцеларијата на германскиот канцелар очигледно нема скрупули кога станува збор за жешката тема со тајните служби: се служи со измами, трикови и веројатно и лаги.

Обвинувањата ниту се измислени, ниту пак се бесмислени со цел да се предизвика скандал. Обратното е точно: уште еднаш владината централа мораше да ги потврди медиумските извештаи. Овојпат станува збор за наводното шпионирање на европските компании од страна на американската НСА- во соработка со БНД- германската тајна служба. Во актуелниот случај, германската служба и ги пренела информациите на политиката- во најмала рака на егзекутивата. Но владата си ги задржала информациите за себе. Како што е често случај, парламентот не бил информиран, иако владата е обврзана со закон да ја информира парламентарната комисија за надзор над работата на тајната служба. Членот 4. всушност остава многу малку простор за прикривање на важни информации. Владата мора да и‘ даде информации на комисијата за работата на службите, како и за конкретни инциденти.

Ниту еден владин член досега не изјави дека шпионирањето на НСА на европските фирми за оружје со помош на БНД е безначајно.

Законска соработка

За да се отфрли било какво недоразбирање: во време на меѓународен тероризам сите активности на германските разузнавачки служби се важни, вклучително и активностите на Воената контраразузнавачка служба (МАД), како и на Бирото за заштита на Уставот.

Нападите од 11 септември и‘ дадоа нова димензија на соработката на НСА со БНД. До одреден степен, гладта за податоци и информации е разбирлива, особено затоа што бројот на терористички напади се зголеми оттогаш, исто како и стравовите на луѓето дека би можеле да бидат жртви на религиозен фанатизам.
Сепак, во демократија, борбата против тероризмот не треба да води кон формирање на држава во држава. Таа опасност се зголемува до тој степен што владата ја губи контролата врз тајните служби, а парламентот врз владата.
Овие критики можеби не се нови, но треба да се искажат од време на време. Разузнавачките служби мора под итно да бидат реформирани, а на политичката контрола и‘ е потребно сериозно подобрување. Никој веќе не смее да ги затвора очите пред таквата потреба, особено не по откритијата на Едвард Сноуден.

Бројни предлози од политичарите, но и од општеството, се на маса. Доколку продолжат да бидат игнорирани, дури и по последниот скандал, германската влада сѐ повеќе ќе биде на удар поради обвинувањата за намерна неактивност.