1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Налог за апсење на пакистанскиот премиер

ЖА/дв/дпа/афп/ртре15 јануари 2013

Борбата за власт меѓу Врховниот суд и владата во Пакистан целосно се разгорува. Судот побара апсење на премиерот Раџа Ашраф.

https://p.dw.com/p/17KIm
Фотографија: AP

Судијата на Врховниот суд, Мохамед Чаудри, побара апсење на премиерот Раџа Первез Ашраф (на фотографијата горе) и 15 осомничени во рок од 24 часа, објавија повеќе пакистански медиуми. Обвинетите се товарат за мито при доделувањето на тендерските договори во областа на енергетскиот сектор. Советник на премиерот постапката на Судот ја оцени за противуставна. Меѓу Врховниот суд и владата со години владее конфликт.

Врховниот суд во јуни му ја одзеде функцијата на тогашниот премиер Јусуф Раџа Гилани. Гилани го игнорираше барањето на Судот да ја замоли Швајцарија за повторување на истрагата за корупција против претседателот Асиф Али Зардари, кој беше осомничен дека во 1990-те години со својата сопруга Беназир Буто во Швајцарија префрлил нелегални пари. Парламентот во Исламабад го потврди одземањето на функцијата на Гилани и го избра Ашраф за негов наследник.

Сегашната наредба на Судот доаѓа во момент во кој земјата ја потресуваат внатрешни проблеми.

Anhänger von Tahir ul Qadri
Протести на приврзаниците на муслиманскиот проповедник Тахир ул КадриФотографија: picture-alliance/dpa

Во демонстрациите на илјадници негови приврзеници, популарниот исламски проповедник Мохамед Тахир ул Кадри ултимативно побара оставка на владата и распуштање на националниот парламент и на претставничките домови во провинциите. Земјата до новите избори, според него, би требало да ја води преодна влада под водство на војската, во спротивно „нацијата ќе ги носи одлуките“, се закани тој. Министерот за внатрешни работи Рехман Малик ги отфрли барањата како неуставни.

На маргините на вчерашните (14.01) масовни протести дојде до насилни судири кога демонстрантите се обидоа да влезат насилно во парламентот.

Повиците на Кадри ги поделија Пакистанците. Некои во него гледаат борец за реформи, додека други се сомневаат дека е лице поставено од влијателни воени службеници, кои имаат извршено многу преврати во историјата на Пакистан и често се мешаат во изборите. Армијата ги отфрла тврдењата дека го поддржува духовникот. Кадри во декември се вратил во Пакистан од Канада, каде што живеел. Неговото вклучување во пакистанската политика ги разбуди сомнежите дека се обидува да ги саботира претстојните избори, закажани за оваа пролет. Силите за безбедност соопштија дека ќе ги преземат сите неопходни мерки да ги запрат демонстрантите кои, како што велат, планираат во Исламабад да создадат нешто слично на случувањата на египетскиот плоштад Тахрир.