1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Надворешната политика во сенка на внатрешната криза

Катерина Блажевска31 декември 2015

Македонија во 2015 година била присутна на важни светски форуми и настани, но средбите со најзначајните имиња во светската политика најчесто ги имаат епитетите „на маргините“, „неформално“ или „на поминување“.

https://p.dw.com/p/1HWPq
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Надворешна политика? Тешко прашање... Не можам да се сетам на ништо значајно... Сакате да кажете дека сме имале некаква надворешна политика?

Со доза на иронија, ова се најчестите одговори ако се обидете да направите анкета меѓу релевантни соговорници за учинокот на македонската дипломатија во 2015 година.

За волја на вистината, дипломатскиот дневник на шефот на македонската дипломатија бележи многу активности, но прашањето е дали квантитетот на активностите и резултатите од нив, се во правопропорционален однос? И колку внатрешната политичка криза ќе се користи како алиби за „резултатите“ во надворешната политика?

„Изминатава година ќе остане запаметена по внатреполитичките превирања и изнаоѓањето на поволни решенија за настанатата состојба“, вели министерот за надворешни работи, Никола Попоски.

Mazedonien Nikola Poposki Außenminister
Никола ПопоскиФотографија: Getty Images/AFP/A. Kisbenedek

„Сепак, на меѓународен план не бевме пасивни. Во 2015 година имавме успешно претседавање со Централно-Европската Иницијатива во чии рамки спроведовме бројни проекти. Бевме гласни и јасни во нашите барања до меѓународната заедница во однос на заедничкото справување со мигрантско-бегалската криза, ја проширивме нашата мрежа со три нови дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) и тоа во Обединетите Арпски Емирати, во Астана и во Токио, и ги спроведовме сите неопходни чекори за отворање ново ДКП во Бразил догодина. Спроведовме низа проекти за македонската дијаспора, а остваривме и историски билатерални средби со бројни држави. Работевме и продолжуваме да работиме на што поскорешна интеграција на Република Македонија во ЕУ и НАТО“, вели Попоски.

Планините се во нашите умови

Во краткиот сублимат за 2015 година, Попоски не ја нотира средбата со неговиот грчки колега во Атина, што беше прва возвратна посета од еден македонски министер по цели 15 години.

„Кога надворешната политика на една земја не успева да ги оствари своите стратегиски цели декларирани уште во првата година на независноста, земјата почнува да се врти во круг, па сите години заличуваат една на друга“, оценува поранешниот министер за надворешни работи и амбасадор, Денко Малески.

„Сѐ што се случува на дипломатски план во Македонија, години со ред, вклучувајќи ги и успесите, е засенето од големиот неуспех: нема пробив кон членство во НАТО и во ЕУ. Свеста кај политичарите дека една мала мултиетничка држава нема ниту енергија ниту иднина надвор од овие интеграции, а нема ни алтернатива во поинаква надворешна ориентација, е потисната од желбата да се дојде и да се остане на власт. Оттаму и играта на обвинувања, кој е виновен за нашата несреќа, политика која го дели македонското општество, кое само обединето може да се справи со ситуацијата“, вели Малески.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко МалескиФотографија: privat

Според него, политичарите на владејачката македонска партија, кои од „прашањето за името“ направија комплициран идентитетски спор со Грција, не може да го решат за да не загубат образ или нешто повеќе. Тоа е причината зошто не учествуваат во сериозно барање решение, правдајќи се дека чекаат „да падне на масата“ некаков поволен предлог.

„Суровата политичка реалност, дека смислата за формирањето на сојузите е во одбрана на интересите на сојузниците, никако да ја апсолвираме, па надворешната политика и во годинава што изминува, упорно инсистираше на меѓународното право. Заедно со националистичката реторика од минатото, ова не е добра основа за решавање на спорот кој ќе ни ги отвори вратите на евроатлантските интеграции. Посетата на грчкиот министер за надворешни работи на Скопје и на македонскиот на Атина, можеби најважните дипломатски настани во оваа година, од причината што претходно ја наведов, беа само манифестација на зачудувачка дипломатска срдечност на две земји кои имаат проблем голем како планина. Се разбира, тоа се планините во нашите умови, кои најтешко се искачуваат“, смета Малески.

Обновување на заветот за ЕУ

Голем дел од аналитичарите сметаат дека политичката дипломатија во голема мера остана во сенка на економската, односно претежно на активности за претставување на Македонија како привлечна дестинација за странски инвеститори и како туристичка дестинација. Не ги оспоруваат тие активности, но сметаат дека премиерот ги форсира за да го покрие дефицитот од значајни надворешнополитички резултати.

Europatag
Членството во ЕУ и во НАТО останува прироритет, вели македонскиот претседател ИвановФотографија: DW/S. Padori-Klenke

Сепак, ако се погледне дипломатска хронологија, Македонија била присутна на важни светски форуми, конференции и настани. Но, средбите со најзначајните имиња на светската политичка сцена пред себе најчесто ги имаат епитетите „на маргините“, „неформално“ или „на поминување“, што некои го сметаат за чекор повеќе од дипломатското „намигнување“ промовирано од шефот на државата, кој исто така има ингеренции во надворешната политика. На надворешен план, 2015-та се смета за една од најактивните години на претседателот Ѓорге Иванов. Имал 149 средби со странски државници, 31 посета на држава и десетина учества на меѓународни самити, на кои ги реафирмирал заложбите на Република Македонија за брз прием во ЕУ и НАТО. Имал 30-тина активности поврзани со бегалската и мигрантската криза и мерки за намалување на безбедносните ризици, што е разбирливо, ако се има предвид податокот дека годинава низ Македонија поминале над 700.000 бегалци и мигранти.

Во годишното обраќање пред парламентот Иванов ги потенцираше стратегиските и национални приоритети - членство во ЕУ и во НАТО, но побара тие да бидат реафирмирани.

„По изборите, едногласно да ги обновиме заветот и посветеноста кон европската и евроатлантската интеграција. Едногласно да ги обновиме декларациите за членство во ЕУ и во НАТО“, порача Иванов.

Но, за процесот на интеграции ќе биде потребно многу повеќе од обновување на заветот. Пред сѐ, ќе биде неопходно решавање на политичката криза и исполнување на реформските приоритети, од што зависи дали Македонија ќе добие седма препораката за почеток на преговорите со ЕУ.