1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Над шест милиони починати од коронавирус во светот

афп
11 март 2022

Иако пријавените случаи и оние со смртен епилог се намалуваат на глобално ниво, пандемијата е далеку од завршена, укажуваат од СЗО.

https://p.dw.com/p/48FdQ
Schweiz Genf | WHO Direktor Tedros Adhanom Ghebreyesus
Фотографија: Martial Trettini/KEYSTONE/picture alliance

Пандемијата е далеку од завршена, порача првиот човек на СЗО во средата, две години откако за првпат го употреби терминот за да го разбуди светот за заканата од Ковид-19. Генералниот директор на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрејесус прв го опиша Ковид-19 како пандемија на 11 март 2020 година. Две години подоцна, тој се пожали дека вирусот сè уште се развива и зема замав во некои делови од светот. 

СЗО прогласи вонредна состојба за јавното здравје од меѓународен интерес - највисоко ниво на тревога во регулативите на здравствената агенција на ООН - на 30 јануари 2020 година, кога, надвор од Кина, беа пријавени помалку од 100 случаи и ниеден смртен случај. Но, се чинеше дека само употребата на зборот пандемија по шест недели поттикна многу земји да преземат мерки.  

Загриженост поради намален број тестирања 

„Две години подоцна, повеќе од шест милиони луѓе починаа“, рече Тедрос на прес-конференција, додека скоро 444 милиони случаи се регистрирани досега. 

„Иако пријавените случаи и оние со смртен епилог се намалуваат на глобално ниво, а неколку земји ги укинаа ограничувањата, пандемијата е далеку од завршена - и нема да заврши никаде додека не заврши насекаде“. Тој го истакна порастот од 46 отсто на нови случаи минатата недела во регионот на Западен Пацифик, каде што се регистрирани 3,9 милиони инфекции.

„Вирусот продолжува да се развива и ние продолжуваме да се соочуваме со големи пречки во дистрибуцијата на вакцини, тестови и третмани секаде каде што се потребни“, рече Тедрос.

СЗО е загрижена што неколку земји драстично го намалуваат процентот на тестирање. „Ова ја намалува нашата способност да видиме каде е вирусот, како се шири и како се развива“,рече Тедрос. 

Опаѓа бројот на нови случаи       

Бројот на нови случаи падна за пет отсто ширум светот минатата недела во споредба со претходната недела, додека бројот на смртни случаи се намали за осум отсто.

Сепак, Марија Ван Керхове од СЗО предупреди дека стапката на случаи е секако потценета поради драматичното намалување на тестирањето.

„Вирусот сè уште се шири на премногу интензивно ниво, три години по оваа пандемија“, рече таа. „Иако гледаме трендови на опаѓање... сепак имаше повеќе од 10 милиони пријавени случаи на глобално ниво минатата недела.Мораме да останеме будни“. 

Светлосен ѕид за заштита од ковид

Во неделно ажурирање на податоците за ширењето на вирусот, СЗО претходно соопшти дека варијантата Омикрон има „глобална доминација“ над другите мутации на вирусот. 

Што знаеме за потеклото на пандемијата на коронавирусот?

СЗО укажува дека Омикрон сочинува 99,7 отсто од примероците собрани во последните 30 дена, а кои се секвенционирани и внесени во глобалната научна иницијатива GISAID. СЗО вели дека нееднаквиот пристап до вакцините, тестовите и третманите за Ковид-19 ја продолжуваат пандемијата. 

Најновите бројки на СЗО покажуваат дека 23 земји допрва треба целосно да имунизираат 10 отсто од своето население, додека 73 земји допрва треба да ја постигнат целта за покриеност од 40 отсто, која што беше поставена за почетокот на 2022 година.