Награда на „Дојче веле“ за уредникот на „Хуриет“
21 април 2016Главниот уредник на најтиражниот турски независен дневен весник „Хуриет“, од аспект на директорот на „Дојче веле“, Петер Лимбург, е достоен носител на наградата: „Седат Ергин и неговите колеги мораат секојдневно да се борат за нивното независно новинарство и за слободата на печатот и со тоа влегуваат во висок ризик.“ Поради тоа „Дојче веле“ му ја доделува високата награда, посредно и на стотиците новинари во Турција, кои мораат да работат под слични тешки услови.
„Слободата на печатот само во суд“
Во својата прва реакција на веста дека тој е добитник на овогодишната Награда за слобода на говор на „Дојче веле“, Седат Ергин ја изрази благодарноста: „Почестен сум поради реномираната награда, која за цел има зачувување на слободата на печатот во светски рамки.“
Ваквиот ангажман, со оглед на бројните напади против новинарите во неговата земја, е итно потребен. Кога Ергин во март беше изведен пред суд, тој ја претстави мрачната слика во која моментно се наоѓа неговата бранша: „Слободата на печатот во Турција во 2016 година е ограничена на судските ходници.“
За директорот на „Дојче веле“, Петер Лимбург, дотолку е позначајна поддршката кон колегите во Турција: „’Дојче веле’ во 1962 година започна со радио-емисии на турски јазик. Ние се чувствуваме тесно и пријателски поврзани со турскиот народ, но не можеме да го вртиме погледот и да молчиме кога власта систематски ги заплашува и малтретира новинарите, уметниците и научниците.“
Во визирот на Ердоган
Дали Седат Ергин ќе може лично да ја прими Наградата за слобода на говор на Глобалниот медиусмки форум во Бон, засега е неизвесно. Од март новинарот се наоѓа на суд во Истанбул, поради обвинение за лична навреда на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Конкретно, станува збор за тоа дека Ергин во текст во „Хуриет“ зајадливо се изразил за говорот на Ердоган во врска со напад врз забранетата Курдска работничка партија ПКК врз турски војници. Еден од адвокатите на Ердоган поднесол тужба против главниот уредник. Обвинението го товари Ергин за „злонамерно извртување на цитатот на шефот на државата заради манипулирање на јавното мислење“.
Ова не е првиот конфликт во кој се вовлечени Ергин и неговиот весник. Верните адвокати на Ердоган повеќепати бараа притвор за главниот уредник на „Хуриет“. Така на пример, кога весникот во извештајот за смртната пресуда против првиот демократски избран египетски претседател Мохамед Мурси, укажа на неговата поддршка од 52 проценти кај гласачите. Во тоа Ердоган виде обид за индиректен повик за свое соборување, зашто и тој во првиот директен избор за турски претседател во август минатата година беше избран со 52 проценти од гласовите.
Контролната функција во опасност
Со оглед на овој и бројни слични инциденти, во кои новинарите се ограничувани во своето известување или дури и изложени на закани, се‘ побројни водечки новинарски претставници стравуваат од губење на контролната функција на медиумите во Турција. Се‘ повеќе новинарски куќи прибегнуваат кон автоцензура со цел обезбедување на својата работа и зголемување на шансите за лукративни нарачки од државата. Во вакви услови, тешко може да се зборува за независно новинарство, вели претседателот на Турскиот синдикат на новинарите, Угур Гуч.
За човекови права и слобода на мислата
Наградата на „Дојче веле“ за слобода на говор постои од 2015 година во рамките на „Бобс“, наградите за најдобри интернет активисти. Се одликуваат личности или иницијативи за посебни заслуги во областа на човековите права и слободата на мислење. Прв носител лани беше саудискиот блогер Раиф Бадави, соосновач на веб-страницата „Саудиски либерали“ кој од 2012 година се наоѓа во затвор.