1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Навивачите помогнаа во отпуштањето на Бобич

Р. Данбар/Б.Г.25 септември 2014

Штутгарт одлучи да сврти нова страница во својата клупска политика. Како резултат на лошите игри на фудбалскиот тим не настрада тренерот - како што е вообичаено, туку спортскиот директор.

https://p.dw.com/p/1DKrx
Фотографија: picture-alliance/dpa/Sebastian Kahnert

Навивачите го кажаа своето. Фреди Бобич е отпуштен од Штутгарт и активно се бара негов наследник на функцијата спортски директор. По четири години на чело на фудбалскиот оддел и по шест отпуштени тренери, дојде редот и на 42-годишната клупска легенда. „Во актуелната ситуација не гледаме можност за позитивен и одржлив напредок“, соопшти претседателот на Надзорниот одбор на клубот, Јоахим Шмит.

Отказот за Бобич одамна се насетуваше. Откако се врати во клубот во 2010 година, првите две сезони на Бобич и не беа толку лоши. Во сезоната 2011-2012 тимот го освои шестото место што донесе настап во европскиот куп. Во 2013 Штутгарт играше и во финалето на домашниот куп.

Но, набрзо потоа дојдоа проблемите. Шефот на стручниот штаб Бруно Лабадиа беше отпуштен по трите последователни порази на почетокот на сезоната 2013-14. Целата сезона беше мачење, а на тимот му се закануваше и испаѓање од лигата. Само во календарската 2014 година, Штутгарт смени три тренери. Проблемите на Штутгарт уште повеќе доаѓаат до израз доколку се земат в предвид успесите на околните клубови со далеку помал буџет, како Мајнц, Аугзбург и Фрајбург.

Fussball 1. Bundesliga 4. SPIELTAG VfB Stuttgart - TSG 1899 Hoffenheim
Протест на навивачите на ШтутгартФотографија: picture-alliance/Pressefoto ULMER/Markus Ulmer

Лоша клупска политика

И покрај статусот на клупска икона кој го ужива благодарение на играчката кариера, односите на Бобич со најверните навивачи одамна беа нарушени. Навивачите уште од минатата сезона бараат одговорност за лошите резултати, но не од тренерите, туку од раководството - во прв ред од претседателот на клубот Бернд Валер и од Бобич.

И покрај растечката недоверба, Бобич сепак успеа летово да доведе уште еден тренер по свој вкус - Армин Фе. Надежите беа дека Фе би можел да го врати клубот во врвот на германскиот фудбал, онаму каде што беше во 2007 година кога последен пат ја освои шампионската титула. Но, именувањето на Фе: прагматичен тренер, со ригидни идеи и недостаток на тактичка флексибилност, досега се покажа како кочница за развој на младите, креативни таленти на Штутгарт.

Fußball Bundesliga 4. Spieltag: VfB Stuttgart - 1899 Hoffenheim
Не е лесно да се биде навивач на Штутгарт овие деновиФотографија: picture-alliance/dpa/Sebastian Kahnert

Летово, Штутгарт плати шест милиони евра за трансферот на надежниот Филип Костиќ од Гронинген. Србинот досега сезонава одигра само 97 минути. Неговиот трансфер, покрај големиот број домашни млади играчи на истата позиција, укажува на лошо раководење во клубот.

Главните кандидати за наследници на Бобич веќе јавно соопштија дека не се заинтересирани за функцијата. Но, кој и да дојде, атмосферата на нестабилност во клубот ќе остане. Евентуалниот нов спортски директор веројатно ќе размислува да го смени и тренерот Фе. Нема дилеми дека отпуштањето на Бобич е важна страница во историјата клубот. Навивачите го добија она што го бараа, веројатно и со право, но последиците од лошото управување Штутгарт веројатно ќе ги чувствува уште долго.