1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Набљудувачите на ОБСЕ заробени од проруските сепаратисти

СН/жа/афп/миа/дпа29 мај 2014

Четворицата набљудувачи на ОБСЕ, кои исчезнаа во источна Украина, според наводите на проруските сепаратисти, се држат заробени во областа на градот Славјанск.

https://p.dw.com/p/1C8o0
Фотографија: picture-alliance/dpa

Самопрогласениот народен градоначалник на Славјанск, Вјачеслав Пономарјов (насловна фотографија), за руската новинска агенција Интефакс денеска (29.05.) потврди дека проруските сепаратисти ги привеле четворицата набљудувачи на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

„Ние ги приведовме. Ќе разјасниме кои се, каде оделе и зошто и потоа ќе ги пуштиме“, рече Пономарјов. Тој притоа не постави никакви услови за ослободување на претставниците на ОБСЕ.

Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин потврди дека има еден руски граѓанин меѓу едната група набљудувачи на ОБСЕ.

Претседателот на Швајцарија и шеф на ОБСЕ Дидие Буркхалтер остро го осуди задржувањето на набљудувачите во источниот дел на Украина нарекувајќи го „чин на саботажа“ и повика за нивно моментално и безусловно ослободување.

ОБСЕ во понеделникот таа загуби контакт со четиричлениот тим стациниран во Доњецк. Станува збор за државјани на Данска, Естонија, Турција и Швајцарија. Вчера организацијата привремено загуби контакт со уште еден еден набљудувачки тим во источниот дел на земјата.

Како што јави ИТАР-ТАСС, 11-члениот тим на ОБСЕ, кој патувал кон Дњепропетровск, попладнето бил запрен на контролен пункт на проруските сепаратисти во селото Маринка во близината на Доњецк, по што Мисијата загубила контакт со него.

Но, подоцна, групата се вратила во својата база во Доњецк, по што повторно е воспоставен контакат со мисијата.

Во тимот имало двајца Бугари и по еден Австриец, Американец, Италијанец, Норвежанец, Полјак, Русин, Словак, Финец и Холаѓанец.

Набљудувачите на ОБСЕ се распоредени во Украина за да ја следат ситуацијата по руката анексија на Крим и бунтот на проруските сепаратисти на истокот на земјата. Тие ги набљудуваа и претседателските избори што се одржаа во неделата (25.мај).