1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На скијање и покрај короната

17 октомври 2020

И покрај се поголемиот број случаи во Европа, во некои земји траат подготовките за скијачката сезона. Дезинфекција на жичниците, мултифункционални шалови, пријавување на гостите со QR- кодови, се само дел од новините.

https://p.dw.com/p/3jzZ3
Skifahrer im Skigebiet Hahnenkamm in Kitzbuehel.
Фотографија: picture-alliance /F. Hoermann

И покрај општиот раст на бројот на заразени со коронавирусот во Европа, љубителите на скијањето сепак можат да се надеваат дека зимскиот одмор ќе го минат на омилените дестинации. Обврската за носење маска, одржување растојание и дезинфекција речиси насекаде се вообичаена мерка на заштита. А понекаде се воведува и нова технологија.
Во Австрија владата најавува зимски радости- но без журки и забави по скијањето. Храна и пијалоци ќе се нудат само на местата за седење, а во кабините на жичниците ќе биде обврзувачко носењето маска. Притоа, властите, туристичките организации и хотелите подготвуваат дополнителни мерки, во зависност од специфичноста на одреден регион.
„Ски-центрите како Ишгл станаа синоним за пандемијата. Тоа секако не ја одразува реалноста, но луѓето сепак се плашат да одат таму. Тоа го земаме сериозни“, вели Мартин Ебстер, директор на туристичката заедница во Ст. Антон.

Тестирање на вработените и контрола на отпадните води

Заштитните мерки  се различни. Некаде ќе може да се купи мултифункционален шал кој служи и како маска, а некаде таков шал ќе се добива со ски-картата. При чекањето на жичниците ќе мора да се држи растојание. Луѓето кои работат на ски-терените и хотелите ќе бидат почесто тестирани на коронавирус, а на некои места и секојдневно пред почетокот на работното време. Регистрацијата на гостите ќе се врши преку мобилен телефон. Некои општини дури најавуваат дека ќе вршат и анализи на отпадните води за да утврдат можни извори на зараза.
Повеќе скијачки региони гарантираат враќање на парите за ски-картата доколку дојде до повторно затворање. По предупредувањето на германското Министерство за надворешни работи, скијачките центри во Европа стравуваат дека гостите од Германија нема да дојдат, особено што во некои региони, како Тирол, повеќе од половината од гостите доаѓаат од таа земја.

Швајцарците оптимисти

И покрај сите проблеми, во Швајцарија се оптимист.
„Со многу радост ја планираме зимата со неколку новини“, вели Маркус Мајли, директор на фирма од Граубинден. Планирано е да работат сите жичници под Матерхорн, а сите скијачки патеки ќе бидат подготвени со вештачки снег- дури и пред да има доволно природен снег. Произведен е и шал кој, кога се носи преку нос и уста, наводно штити исто како и секоја маска. Но, покрај обврската за носење маска или специјален шал во затворените кабини и држењето дистанца, нема да има никакви други ограничувања, вели Мајли.
За тоа дали маските ќе бидат обврзувачки при чекање ред пред жичниците, ќе одлучува секој швајцарски кантон поединечно. Што се однесува до забавите по скијањето, тие наводно во Швајцарија не играат речиси никаква улога. За повеќето гости во прв план се скијањето и гастрономската понуда, тврдат тамошните туристички работници. Сепак, сметаат дека нема да има големи турканици, Падот на бројот на странски туристи е многу веројатен, вели портпаролката на Швајцарската туристичка заедница Мартина Бијелер.

BdTD | Finnland | Start der Skisaison in Finnland
На 2 октомври во Финска веќе започна скијачката сезонаФотографија: Aku Häyrynen/dpa/picture-alliance

Маски, растојание, здравствена заштита

Во италијанските скијалишта веќе со недели траат подготовките за новата сезона.
„Ќе ги преземеме сите потребни мерки за скијањето и зимскиот туризам во Јужен Тирол да бидат можни и оваа зима“, вели локалниот советник надлежен за туризам Арнолд Шулер. Предвидена е обврска за носење маски во кабините и држење растојание. Сите кабини ќе бидат редовно дезинфицирани, ќе бидат вградени и заштитни прегради, а ќе биде зголемена и фреквенцијата на автобуските линии кои возат до патеките. Школите за скијање, изнајмувачите на опрема, како и рестораните и хотелите развиваат сопствени концепти на безбедност и хигиена.
Француските центри делумно ги променија условите за сторнирање на резервации. Туристите ќе можат и краткорочно да ги откажуваат доколку се влоши состојбата со пандемијата. Секој турист треба да ги провери условите кои важат за регионот во кој патува. Носењето маски насекаде и целосната дезинфекција ќе бидат правило во Франција.
Чешките скијачки региони кои се омилени дестинации за туристите од Германија и Полска, пак, уште сега се соочуваат со проблем затоа што нивната земја е рекордер по бројот на заразени по глава на жител. Туристичката заедница подготвува посебен хигиенски водич за зимската сезона. Шефот на здружението на скијачките региони Либор Кнот вели: „Спортот и движењето на свеж воздух се најсигурни активности“.
Ограничувања ќе постојат кога се работи за забавите по скијањето. Во моментов во секој угостителски објект секој гостин мора да има место за седење. На една маса не смеат да седат повеќе од 6 гости. Сите угостителски објекти се затвораат во 22 часот, а Кнот е оптимист и се надева дека, доколку времето биде добро, ќе има ист број гости како и минатата сезона.