1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

На Мајорка со грижа на совест и маска на плажа

Јонас Мартини
5 април 2021

За Велигден германските туристи „ја нападнаа“ Мајорка– и покрај жестоките дебати на оваа тема во Германија. Но туристите на островот не се баш безгрижни, ниту пак може да си го поминат одморот како порано.

https://p.dw.com/p/3raiF
Spanien Mallorca | Coronavirus | Strand Urlaub
Фотографија: John-Patrick Morarescu/ZUMA Wire/dpa/picture-alliance

На Елен (26) и Енрико (28) им е малку незгодно што може да лежат на плажа и да уживаат на сонце додека бројот на заразени од корона во нивната земја вртоглаво расте. Локдаунот е продолжен, а туристички патувања внатре во Германија сѐ уште не се дозволени. „Едноставно моравме да излеземе од земјата и да отпатуваме некаде“, велат овие двајца млади од Берлин, не сакајќи да си го кажат и презимето. „Ве гледаат попреку кога ќе кажете дека одите на Мајорка“. Затоа речиси никому не кажале за плановите за одмор. „Кажавме само дома, на семејството“, велат тие и додаваат: „Ни рекоа дека сме преголеми егоисти.“

И една двојка од Минхен сака да остане анонимна. „Долго време размислувавме дали да одиме на Мајорка, чекајќи пандемијата да стивне. Но, на крајот, сепак желбата за возење точак по островот надвладеа,“ велат тие.

Spanien Mallorca | Coronavirus | Flughafen Palma
Фотографија: Clara Margais/dpa/picture-alliance

Водата е студена за капење, а плажите на Мајорка се доста пусти. Еден турист од Ахен нема разбирање за дебатата од последниве неколку дена за патувањето на Мајорка, за кое спонтано се одлучија илјадници германски туристи. „Што се однесува на дебатата во Германија, таа нема врска со реалноста. Тука нема никакви забави,“ вели тој и покажува на таканаречените „Балерман“ барови кои се уште се затворени и заковани со даски. Работат само неколку ресторани и кафетерии. Може да се седи само на терасите и тоа до 17.00 часот, потоа е „фајронт“.

Со строги мерки како овие, владата на Балеарскиот остров неодамна успеа да ја намали инциденцата до тоа ниво, што сојузната влада во Мадрид на 14 март го укина предупредувањето за патување на Мајорка, а со тоа и задолжителниот карантин и островот е прогласен за неризично подрачје. По ова туроператорите понудија повеќе летови што резултираше во спектакуларен пораст на резервациите. На островот и понатаму важат правилата за ограничување на контактите, задолжително носење заштитни маски и полициски час од 22 навечер до 6 наутро. Исто така се забранети патувања низ Шпанија без оправдана причина.

Меч со две острици

Но, тоа што се повеќе туристи од различни страни одмараат на Мајорка, за островската влада е меч со две острици. Огромен е стравот од повторно враќање на ширење на заразата и голем број заболени.

Поради тоа прописите се однесуваат и на туристите. Секој од нив на доаѓање мора да приложи негативен ПЦР тест, а пред да замине и негативен антигенски тест, без разлика што Мајорка веќе не се смета за ризично подрачје. „Ако би требало секогаш кога одам на одмор да ги почитувам ваквите мерки ќе се збудалам,“ вели Енрико додека си го тресе песокот од нозете. „Но овојпат прифативме“, додава тој.

Повеќе:

-Ковид-пасошите во ЕУ доаѓаат налето?

-Се чека знак за старт: Летен одмор во Европа

-Првите „тест-летувалци“ од Германија пристигнаа на Мајорка

Неколку улици подолу, Тина Ферер ги пречекува туристите. Автобусот само што застана пред хотелот „Риу Фестивал“ и патниците се пријавуваат на рецепција. Директорката сама им го покажува патот и им го објаснува концептот за хигиена и заштита – дезинфицирајте ги рацете, држете дистанца, носите маски! На влез задолжително им се мери температура. Во рок од неколку дена бројот на гости се удвои, вели Тина Ферер. Но неизвесноста и понатаму е голема.

„Германците сакаат да си го резервираат својот одмор година дена однапред,“ вели таа. Но тоа се промени поради пандемијата. Сега поголемиот дел од луѓето сакаат да дојдат спонтано. За да се излезе во пресрет на гостите поради ситуацијата, Риу нуди и бесплатно откажување на аранжманите. „Тоа е секако ризик за нас, но во ситуацијава нема друг начин“, вели Фрида.

Налетот на туристите – ефект на благо ветре

Во хотелите на Мајорка за Велигден се проценува дека има околу 40.000 германски туристи. Тоа звучи многу, но не е. За велигденските празници во 2019, пред короната, во истиот период на аеродромот во Палма слетаа над еден милион патници. Така што оваа навала на туристи може да се рече дека има ефект на благо ветре.

Барем така гледа на работите Хуана Санчез. Таа работи во продавница за сувенири во близина на катедралата во главниот град на островот Палма де Мајорка и е очајна. „Денес не продадов ништо, ама ништо“, вели таа. Повеќе од година дена нема никаква заработувачка. „Се е црно, одиме кон пропаст“, се жали Хуана.

Отсуството на туристи тешко ја погоди економијата на Мајорка. Хотелиери, угостители, малопродажба и другите стопански гранки кои во голема мера се зависни од туризмот со месеци ја отсликуваат ситуацијата во најцрни статистики. Стотици компании се соочени со банкрот, а бројот на невработени е на рекордно ниво. Кога нема туристи на Мајорка речиси се застанува. Минатата година бројот на туристи беше 80% помал во однос на претходната.