На инвеститорите Србија им е подрага од Хрватска?
27 мај 2014Хрватска ја имаше својата шанса како „Елдорадо“ за странски вложувања. Инвестицискиот бум пред рецесијата заврши со слаб успех. Во еден здив беа купени пазарни удели во компании, преземен е финансискиот и туристички потенцијал на земјата. Во производствените дејности, наспроти тоа, се вложуваше поетски кажано - кикирики. Денес во Хрватска, како членка на ЕУ со висока цена на трудот и демотивичарки даночен систем и администрација, меѓу другото и поради законодавното усогласување со Брисел, владее повеќегодишна стагнација која земјата ја сместува на економското дно на ЕУ.
Србија, пак, го минува истиот циклус кој Хрватска го одработи пред десетина години и се чини дека одлучи да игра на нешто поинтелигентни карти. Владата на Вучиќ поттикнува нови вработувања со 10.000, а некаде и со 20.000 евра по работно место. Фијат отвори своја фабрика во Крагуевац (на насловната фотографија), Обединетите Арапски Емирати вложуваат три милијарди евра во проектот „Белград на вода“, а тука е и германски Бош, кој во својата постројка недалеку од Белград ќе вложи 70 милиони евра. Дури и Мајкрософт одлучи да ја пресели регионалната централа од Загреб во Белград. Сето тоа, сепак, звучи малку поинаку од купување банки, медиумски куќи и туристички комплекси.
Подобри структурни инвестиции во Србија
Вкупниот износ на странски инвестиции во двете држави минатата година беше помалку или повеќе сличен - во Хрватска 656 милиони евра, во Србија 778, вели Мирослав Здравковиќ, економски аналитичар од Белград. Тој не е претеран оптимист на подолг рок. Имено, Србија порано или подоцна ќе мора да ја зголеми домашната потрошувачка, што од аспект на просечна плата од околу 300 евра и цени исти како во Загреб, е прилично фантазмагорична цел. Сепак, Здравковиќ е на мислење дека структурата на вложувањата во Србија е подобра од онаа во Хрватска. „Инвестирање во производни дејности е многу поефикасно во поглед на идниот економски раст“, вели тој.
Здравковиќ предвидува крај на српската инвестициска бајка и нагласува дека економскиот раст ќе се забави, затоа што државата преку приближувањето кон ЕУ ќе мора да усвои бирократски процедури и стандарди кои ќе го поскапат работењето и ќе го направат неконкурентно.
„Патеката ќе биде слична како онаа во Хрватска, а Србија таквата судбина би можела да ја избегне доколку се случи излегување од економската криза во ЕУ, односно кога би почнал раст од 3 до 4 отсто, што кај нас би вродило со раст од 5 до 6 проценти“, нагласува тој.
Самоуправен синдром
Дамир Новотни, економист од Загреб, вели дека политичката елита во Хрватска била многу затворена за стратегијата која може да се види кај новата српска влада - поставување непартиски стручњаци со богати меѓународни референци во клучните министерства. „Ние го перпетуиравме стариот модел на клиентелизам. На земјата и‘ е потребен силен лидер, а не тесногради агенди. Таков во последно време не е создаден. Денес во Хрватска е многу потешко да се спроведуваат реформи отколку што е тоа во Србија, а Хрватска е оптоварена со високо ниво на јавен и приватен долг, кои се многу повисоки отколку во Србија“, вели Новотни.
Хрватскиот економист Жарко Приморац клучните предности на српскиот пазар, меѓу другото, ги гледа и во политиката на флуктуирачки курс и подобрата географска позиционираност кон која гравитираат Црна Гора и Македонија, а Србија, вели тој, располага и со сериозни потенцијали во енергетскиот сектор и обоените метали. „Тие се поагилни во управувањето со економијата, се отворија кон Кина, се обидуваат да одржат еднакви релации и кон Русија и кон ЕУ. Сето тоа ги прави поинтересни. Хрватска имаше потенцијали во туризмот, но своите идеи ги потрошивме. Хрватскиот извоз е неконкурентен и поради фиксниот девизен курс, за што пред неколку дена зборуваше и ММФ. Хрватската народна банка не се согласува со тоа и вели дека ја штити стабилноста. Со оглед на тоа што ја штити на ист начин веќе дваесетина години, резултатите се познати - стагнација, рецесија, невработеност, високи долгови, извоз во опаѓање... Дали е тоа стабилноста за која зборува Хрватската народна банка?“, се прашува Приморац и обвинува дека регионот страда од самоуправен синдром.
Во што се состои дијагнозата? Едноставно, во времето на Југославија имавме подобра пазарна економија од сите земји на тогашниот Источен блок, па по падот на комунизмот, мислевме дека само треба да се прицврстат шрафовите. „Другите земји почнаа од нула и создадоа конзистентен систем. Спроведоа и коренити реформи. Ние, пак, мислевме дека е доволно само малку да се корегира Законот за труд и дека се‘ ќе биде во ред. Затоа и го менуваме толку долго“, оценува Приморац.