На европските популисти не им треба Доналд Трамп
15 мај 2019Доналд Трамп е веројатно најмоќниот популист во светот и го собира најголемото медиумско внимание. Но, тоа не значи дека е одговорен за воведување на концептот во модерната глобална политика. Долго пред изненадувачкото искачување на Трамп од трговец со недвижности до претседател на САД, европските популисти се етаблираа на политички функции ширум континентот.
Во 1990-те во Австрија, Партијата на слободата веќе го измести етаблираниот политички систем. Во Италија, медиумскиот тајкун Силвио Берлускони стана првиот европски модерен популистички лидер кога стана премиер пред 25 години.
Италијанското предупредување
„Берлускони беше некој вид предупредување“, вели Ана Гжимала-Бусе, професорка на меѓународни студии на Универзитетот Стенфорд која го проучува популизмот. „Тој покажа дека е можно да се владее како популист во едно хаотично владеење кое немаше некоја кохерентна програма зад него“.
Меѓу европските популистички лидери кои му претходеа на Трамп беше и унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој неделава беше примен во Белата Куќа. Орбан за првпат дојде на власт во 1998 и кусо потоа започна да ги напаѓа либералните демократски институции во земјата, агенда која ја продолжи и ја засили по вториот мандат како премиер кој го започна во 2010.
Тоа покажува дека европските популисти постојат целосно независно од Трамп. Ним не им е потребна поддршката од Трамп за да бидат успешни, вели Гжимала-Бусе.
Европскиот популизам во најголем дел е домашно изграден, во најголем дел хранет од специфични проблеми и оттука тешко да се интернационализира. Поранешниот стратег на Трамп, Стив Бенон ја научи таа лекција на потешкиот начин кога се обиде да формира европска група на десни популисти пред изборите за Европскиот парламент.
Европските популисти можат и сами
Обидот заврши неславно, што не е изненадување, вели Мејбел Березин, социолот на Универзитетот Корнел. „Ним не им е потребен Бенон, затоа што сосема добро им оди и вака“, вели таа.
Оттука, прерано е да се очекува дека евентуалниот пораз на Трамп на изборите во 2020 ќе води и кон пад на бранот популизам кој ја зафати Европа, смета Гжимала-Бусе.
Сепак, иако нема конкретни врски меѓу Трамп и европските популисти, тие споделуваат нешто заедничко.
„Мислам дека ја споделуваат истата идеологија во смисла на скепса кон меѓународни сојузи, скептични се за либералната демократија и тврдат дека го претставуваат народот во целина“.
Меѓу овие аморфни идеолошки сентименти, најконкретната врска меѓу Трамп и европските популисти е нивниот заеднички афинитет кон Русија. „Тие имаат заедничка клучка во Русија и фактот дека Русија активно ги помага популистичките движења во Европа, а како што видовме од извештајот на Милер, има и врски со Трамп“, вели Гжимала- Бусе.
И додека на европските популисти не им треба Трамп за да бидат успешни, ним им е секако добредојдена посета на Белата Куќа, како што беше случај со Орбан. „Можноста, тој да им дава некој вид американски печат на луѓе како Орбан е длабоко вознемирувачка“, вели Березин.
„Тоа дефинитивно ги легитимира Орбан и неговата дружина“, вели Гжимала-Бусе. „Она што Трамп им го дава е тој дополнителен сјај на меѓународна легитимација. А тоа што е прифатен од најголемиот популист го прави Орбан помоќен и полегитимен не само дома, туку и во Европа“.